Доналд Трамп, новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави(САД), рече дека Русија и Иран се во „ослабена состојба“ и го повика лидерот на Кремљ, Владимир Путин, да стави крај на речиси тригодишната војна во Украина.
Трамп ги даде коментарите во објава на социјалната мрежа „Truth Social“ на 8 декември, кога сириските бунтовници го зазедоа Дамаск, ставајќи крај на полувековното владеење на семејството на претседателот Башар ал-Асад поддржан од Русија и од Иран.
Идниот американски претседател рече дека Русија и Иран не можат да му дадат поддршка на сирискиот диктатор Асад бидејќи тие се во „ослабена состојба во моментов, едната поради Украина и лошата економија, а другата поради Израел и неговиот борбен успех“.
Русија загуби околу 600.000 војници од инвазијата на Украина во февруари 2022 година, рече Трамп, додавајќи дека Украина изгубила околу 400.000, бранејќи ја својата територија.
„Треба да има итен прекин на огнот и да започнат преговорите“, рече Трамп. „Добро го познавам Владимир. Ова е негово време да дејствува. Кина може да помогне. Светот чека!“.
Кремљ не одговори веднаш на коментарот на Трамп.
Видете и ова: Зеленски, Трамп и Макрон на заедничка средба во ПаризТрамп во објавата вели дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „би сакал да се договори“. Трамп разговараше со Зеленски и со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз на 7 декември, каде се сретнаа по повод повторното отворање на катедралата Нотр Дам.
По средбата, украинскиот претседател Володимир Зеленски напиша на Телеграм дека во „добар и продуктивен“ разговор со Макрон и со Трамп се разговарало за ситуацијата на теренот во Украина и можноста за „праведен мир“.
„Разговаравме за нашиот народ, ситуацијата на бојното поле и праведен мир за Украина. Сите сакаме да ставиме крај на оваа војна што е можно побрзо и праведно“, напиша Зеленски на Телеграм.
Макрон рече: „Да продолжиме со заедничките напори за мир и безбедност“.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, го критикуваше испраќањето милијарди долари од САД во Украина откако Русија ја почна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.
Трамп, исто така, рече дека би можел да ја заврши војната во рок од 24 часа ако повторно ја освои Белата куќа, изјава што се толкува како дека Украина ќе мора да ја предаде територијата што сега е под окупација на Русија.
Експертите велат дека ќе биде тешко брзо да се склучи мировен договор бидејќи има многу аспекти, вклучително и безбедносни гаранции за Украина и олеснување на санкциите за Русија.
Во меѓувреме, администрацијата на Бајден во заминување ја забрзува испораката на оружје во Украина за да ја зајакне нејзината одбрана пред Трамп да ја преземе функцијата.
Вашингтон на 7 декември соопшти дека подготвува пакет оружје и опрема во вредност од 988 милиони долари за Украина, средства земени од преостанатите 2,21 милијарди долари достапни во Иницијативата за безбедносна помош на Украина.
Видете и ова: Зеленски ја потврди втората испорака на ловци Ф-16 од ДанскаСредствата ќе бидат искористени за купување на прецизни ракети за артилериски ракетни системи со висока мобилност (ХИМАРИС) и за беспилотни летала, соопшти Пентагон.
Европските земји, исто така, ја засилуваат помошта во случај администрацијата на Трамп да ја прекине американската поддршка за Киев.
Зеленски на 7 декември објави дека Украина добила втора пратка софистицирани борбени авиони Ф-16 од Данска. Копенхаген минатата година објави дека ќе и испорача вкупно 19 авиони на Украина.