Мицкоски: В среда нема ништо да се случи во Уставниот суд, ДУИ ќе продолжи со политички маневри

Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна Македонија

ДУИ многу добро знае дека в среда, на седницата на Уставниот суд, нема да се случи ништо, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со седницатa на Уставниот суд на 11 декември на која ќе се разгледуваат оспорени одредби од Законот за употреба на јазиците.

Опозициската Демократска Унија за интеграција (ДУИ) го квалификува Законот за јазиците како еден од клучните столбови на Охридскиот договор и најави дека ако Уставниот суд го укине овој закон, „последиците ќе бидат непоправливи и нема да можат да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа“.

Мицкоски рече дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред „какво било акција“ на Уставниот суд претходат подготвителни седници. Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и очекува и во иднина такви обиди од оваа партија.

Тој ги повика граѓаните да бидат спокојни затоа што , „ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања за сторен огромен криминал, кој набргу од денеска ќе почне да се обелоденува“.

На прашање дали Законот за употреба на јазиците „може да се врати во Собранието на доработка за да се подобри“, Мицкоски одговори дека процедурата е почната и мора да има крај.

„Ние не можеме да речеме дека не важи. Единствено тие што ја поднеле можат да ја повлечат или Уставниот суд да ја отфрли како нерелевантна. Па дури потоа ние може да зборуваме дали, како, што, и да влегуваме во зона на претпоставки“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Седницата на Уставен суд за Законот за употреба на јазиците на 11 декември

Повеќе од 250 интелектуалци - Албанци на 7 декември испратија отворено писмо до Уставниот суд, во кое бараат да не ја укинува службената употреба на албанскиот јазик.

ДУИ најави дека в понеделник на состанок на највисокото партиско раководство ќе одлучува за натамошните чекори и конкретните мерки во контекст на претстојните одлуки што треба да ги донесе Уставниот суд.

Законот за употреба на јазиците беше оспорен во 2019 година, со 12 иницијативи поднесени од граѓани, политички партии(меѓу кои владеачката ВМРО-ДПМНЕ) и здруженија. Тие го спорат Законот во целина и најголем дел од членовите одделно, како и Указот за прогласување на Законот затоа што не беше потпишан од тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов.