Вкупно 17 лица се уапсени за инцидентите што се случија на прославата на Денот на албанското знаме, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Четири малолетници во Скопје во текот на вчера се уапсени, од кои двајца биле поврзани со кинење на македонското знаме. Истите помагале на сторителот кој го кине знамето. Двајца малолетници се поврзани со симнување на македонско знаме од јарбол кои подоцна се пали. Три лица во текот на вчерашниот ден се лишени од слобода во Прилеп кои што го сквернават албанското знаме. Еден од нив е малолетник, додека двајца се полнолетни. Времето на зимски сон на институциите заврши. 17 луѓе уапсивме за овие два дена. Нема да застанеме овде. Секој што ќе сквернави државен симбол ќе одговара“, рече Тошковски.
МВР информира дека е одреден притвор за три лица кои во четвртокот учествуваа во инцидентот со палење на македонското знаме на прославата на Денот на албанското знаме.
„Од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал се преземени оперативни мерки и активности, како и прегледи на видеоснимки од безбедносни камери и видеа објавени на социјални мрежи, при што е обезбеден доказен материјал и документирани се дејствијата на лицата Ф. И., Е. Д. и С. М. Во координација со ОЈО Скопје, против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа и се изнесени пред судија за претходна постапка, кој им одреди мерка притвор во траење од осум дена“, се вели во соопштението.
Претходно, опозицискиот СДСМ бара оставка на Тошковски од министерската позиција.
„Уште еднаш се потврдува дека Тошковски и МВР немаат контрола врз безбедноста, институциите не можат да ја гарантираат безбедноста на граѓаните како што треба. Во последните 5 месеци се случиле 20 вооружени инциденти и убиства. Тошковски е најнеспособниот министер во историјата и мора да поднесе оставка“, се вели во соопштението на СДСМ.
Видете и ова: Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизацијаДемократската унија за интеграции (ДУИ) најави дека ќе поднесе интерпелација до Собранието за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по иницидентите што се случија на Денот на албанското знаме.
„Ако нема оставка ние овие денови до Собранието ќе поднесеме интерпелација против Тошковски и неговиот заменик со која ќе ја докажеме нивната неодговорност, неспособност и штетата што ја нанесоа врз мирот стабилноста и етничката кохезија“, велат од ДУИ.
Во однос на најавената интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, вицепремиерот Изет Меџити рече дека треба да се остават институциите да го расветлат случајот и на крај, како што кажа, ќе бидат евидентни одговорите „зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација“.
„Треба да оставиме на органите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација, се вработени во нивните претпријатија и ред други работи. Подобро е прво јавноста да се соочи со аргументите, фактите кој и како делувал во текот на прославата. Ќе оставиме на органите да ги дадат информациите, но случајно или не испаѓа дека се луѓе блиски до ДУИ, работат во нивните јавни претпријатија каде што се нивни директори и се сликани со нив“, рече Меџити.
Прославите за албанското знаме низ Северна Македонија предизвикаа инциденти и сквернавење на македонското и албанското знаме, што доведе до политички тензии и апсења.