Експлозивна направа била фрлена врз зградата на општина Звечан на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население, ноќта меѓу 28 и 29 ноември. Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека се сомнева дека се работи за рачна бомба од типот М-75.
Тој рече дека во нападот што се случи по полноќ, нема повредени, оштетена е општинската зграда и четири возила паркирани во близина, а полицијата започнала истрага. Засега не се идентификувани осомничени за нападот.
Косовскиот премиер Албин Курти по нападот изјави дека „криминалните и терористичките напади“ врз косовските институции имаат за цел заплашување и истакна дека и покрај тоа, ситуацијата на северот на Косово „никогаш не била подобра. “.
„Не дека нема криминалци, но криминалните структури или побегнаа во Србија, или се во затвор во Косово или се кријат некаде надвор од нашиот регион. Нема внатрешни потенцијални безбедносни закани со кои не можеме да управуваме и на кои не можеме да им се спротивставиме“, изјави Курти на 29 ноември.
Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља оцени дека последните напади врз косовските институции на север се „израз на очај и ароганција на криминалните групи во режија на Белград“. Тој додаде дека „криминалните групи“ на северот на Косово се минато.
„ Заврши времето на неказнивост и амнестија на криминалните групи. Уставноста, законитоста, законот и редот ќе функционираат на секој агол, бидејќи никој не може да ги запре слободата и правата на граѓаните со стравот од тероризам“, напиша министерот на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово, градоначалниците се од редовите на албанската заедница бидејќи Србите ги бојкотираа изборите по колективното напуштање на косовските институции, што беше иницирано од Српската листа - најголемата партија на Србите во Косово, кое има поддршка од Белград.
Видете и ова: Фрлени рачни бомби во полициската станица во ЗвечанИнаку, на 28 ноември во општина Звечан се одржа свечена седница на Собранието на општината по повод Денот на албанското знаме. Градоначалникот Пеци во пресрет на оваа седница одговарајќи на новинарски прашања рече дека не верува оти одбележувањето на Денот на албанското знаме му пречи на локалното српско население и додаде дека ги почитува барањата на сите граѓани.
„Право на секој граѓанин е да се организира и да ги прославува своите празници. Како градоначалник, моја должност е да го почитувам тоа и да помогнам што е можно повеќе“, рече тој.
Ова е втор напад врз косовските институции во Звечан во рок од два дена. Во вторник, на 26 ноември, непознати лица фрлија две рачни бомби во дворот на полициската станица во Звечан на северот на Косово, еден ден откако косовскиот премиер Курти присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот за изградба на полициска трафостаница во таа општина.