Претседателот на Собранието Африм Гаши ги осуди постапките поврзани со вчерашните настани кога, како што рече, беа палени и газени државни знамиња. Тој во одговор на новинарско прашање истакна дека таквите настани се во спротивност со државните и националните интереси на секоја етничка заедница.
Прославите за албанското знаме низ Северна Македонија предизвикаа инциденти и сквернавење на македонското знаме, што доведе до политички тензии и апсења. На одбележувањето на денот на албанското, имаше сквернавење на македонското знаме што предизвика стравувања за подгревање на меѓуетничките тензии во државата.
„Патриоти се тие кои го почитуваат своето знаме, но и знамето на другите“ изјави Гаши и посочи дека не верува дека зад ова има политичка заднина. Според него треба да одговараат несовесните граѓани кои го сториле делото.
Видете и ова: Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизација„Сите кои сакаат дестабилизација во државата, не им посакуваат добро на својата нација и својот народ, а потоа и на државата. И затоа повикувам на освестување“, рече Гаши.
Според него, потребно е унапредување на државата со зачленување во Европската унија, подигање на степенот на меѓусебна толеранција и унапредување на меѓуетничките односи.
На прашањето дали наративот на политичарите во изминатиов период има влијание за појавата на вакви настани, тој посочи дека тоа треба да го кажат органите чија надлежност е да ги расветлат последните случувања и откријат мотивите.
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски синоќешните настани ги посочија како обиди за дестабилизација, нешто за што, велат, предупредувале досега.
Засега, како што соопшти министерот Тошковски, уапсени се осум лица од кои четири МВР ги гони за кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. За ова дело предвидена е казна од најмалку една година затвор. Осомничените се млади лица на возраст од 18 до 21 година, а има и еден малолетник.