Финансиска полиција истражува кои предмети се чувале во фиока

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ивановски: Финансиска полиција истражува два тендера на ЈСП

Управата за финансиска полиција истражува во своите редови, дали и кои предмети се чувале во фиока. Новиот в.д. директор Слободан Ивановски најавува и со закон воведување на одделение за внатрешна контрола за работата на инспекторите.

Господине Ивановски, на позицијата в.д. директор сте веќе три месеци, со какви предизвици и проблеми се справува Управата?

Управата за финанска полиција се случува со доста предизвици и со доста проблеми. Како управа за финанска полиција во изминатите три месеци отпочнавме проекти и реформи во делот на законски измени, предвидуваме нови законски измени кои ќе влезат во процедура во наредниот период, во делот на дигитализација, а тоа значи дигитализирање на управата со другите институции, електронски пристап и достава на податоци по електронски пат.

Што значи тоа? Тоа значи папирологијата да ја сведеме на минимум. Секогаш кога водиме предистражна постапка и кога доставуваме барање за податоци од други органи, да имаме пристап електронски до таа институција.

Дали е Централен регистар, дали е Катастар, дали се банки, тоа ни ја олеснува постапката, истовремено, бидеќи знаеме дека предистражната постапка е тајна, имаме дискреција, имаме тајност во постапувањето и на тој начин ке бидеме поефикасни во делот на предистражните постапки.

Исто така, сакам да нагласам дека од 01.01.2025 година, ние ќе го спроведеме, ќе го имплементираме ДМС системот. Тоа е „Документ менаџмент систем“, софтверско решение кое служи за евидентирање и за водење на предмети, односно предистражната постапка ќе се води електронски, секој еден инспектор ќе може електронски да го отвори предметот, софтверско решение кое што ќе му даде предупредување во делот на застареност, во делот на доказна вредност на доказите кои се прибрани.

Ние едноставно, на крајот на денот, мораме како институција да направиме се за да нема повеќе чување на предмети во фиоки.

Спомнавте чување на предмети во фиока, колку досега беше тоа пракса, дали имате некои информации дека некои предмети досега биле чувани во фиока, и кои?

Се уште истражуваме, во тој дел, сега за сега имаме некои првични сознанија, но во интерес на истрагата не би прејудицирал сега со каков резултат би завршило тоа.

Видете и ова: Финансиска полиција поднесе кривична за поранешниот министер за култура Исмаили

Еден од последните предмети за кои ја информиравте јавноста беше кривичната пријава за поранешниот министер за култура Хисни Исмаили, зошто беше потребно толку време за финансиската полиција да ја формализира кривичната пријава, кога за тоа веќе имало иницијатива уште во 2021 година?

Ова прашање веројатно треба да го адресирате до друго место, јас можам да зборувам за мене, јас влегов да работам професионално, заедно со инспекторите и раководителите гледавме да сработиме максимално што е можно повеќе темелно и професионално да биде сработен секој предмет.

Покрај за ексминистерот за култура, поднесовме и кривична пријава за ексминистерот за земјоделие, не би навлегувал во детали, и не би навлегувал надвор од соопштението што е доставен од УПФ. Сакам да ве убедам дека секој еден предмет кој е влезен во финансиска полиција, секоја една наредба што е пристигната од јавно обвинителство ќе биде сработена на професионален начин.

Видете и ова: Стари проблеми - нови комисии за оценка на проектите во културата

Велите тоа прашање да се достави на друга адреса, дали откривте зошто финансиската полиција на два пати барала одложување на роковите за дополнителни докази до обвинителството ?

Не би можел да ви објаснам на ова, затоа што тој предмет бил работен во соработка со Јавното обвинителство, и секогаш кога постапуваме во делот на наредби и предмети за јавното обвинителство, чекаме насоки, се консултираме се координираме така што не би навлегол во детали во наредниот период.

Минатата година, финансиската полиција влезе во Град Скопје и одзеде документација со цел да истражат како се потрошени 30.000 евра за украсување на градот. До каде е тој предмет?

Во текот на 2024 година обезбедена е целосната документација од Град Скопје, исто така извршени се дополнителни проверки во делот на реализација на тие договори кои се производ на тој повик. Така да, овој предмет се работи и е во некоја понапредна фаза, но сепак очекуваме некои одговори од Град Скопје, кои што треба дополнително да ни бидат доставени и дополнителна документација, по што ќе поднесеме соодветен поднесок до Јавното обвинителство.

По речиси една година истрага, има ли основи за сомнеж за кривично дело?

Има повеќе аспекти во тој предмет, така да не би сакал да излегувам со проценки и оценки, или со некои анализи. Сакам да кажам дека секој еден предмет кој ќе се отвори во Управата за финансиска полиција, теоријата на почетокот понекогаш не излегува на крај, затоа што одреден доказ или документи кој што ќе биде доставен може да го демантира целиот правец кој што на почетокот бил утврден. Сакам да оставам до крај да ја завршиме предистражната постапка и за тоа ќе бидете информирани.

Видете и ова: Град Скопје купува дрвја од по 600 евра додека долговите растат


Обвинителството издаде наредба за финансиска полиција да го разгледува спорнот поништен тендер на ЈСП за гориво, дали ги земавте документите од ЈСП за нивното финансиско работење?

Документацијата од страна на Бирото за јавни набавки е прибавена. Чекаме документација од ЈСП, доставено е барање до ЈСП, и врз основа на сето тоа ќе утврдиме, ќе анализираме, ќе провериме и ќе видиме со каков соодветен поднесок ќе одиме до Основното јавно обвинителство Скопје. Сепак нема да бидат изоставени консултациите со јавен обвинител во овој случај.

Дали ќе биде разгледан ревизорскиот извештај за ЈСП, во него се утврдени проблеми го финансиското раководење, а од друга страна се забележува дека имаат проблеми во спецификација, се забележува фаворизирање на понуди, барем тоа го утврдуваат ревизорите?

Конкретно за овој случај работиме на две тендерски постапки, но доколку имате дополнителни сознанија за други тендерски постапки, во делот на начинот на спроведува, во делот на реализација, слободно можете да ги доставите до нас.

Видете и ова: ЈСП и Комунална Хигиена возат „на резерва“

Неодамна финансиската полиција влезе во ЕСМ, и како што известивте, ви е предадена докумендацијата за финансиското работење на оваа институција, односно на ова претпријатие. Што точно се истражува?

Во делот на ЕСМ и на РЕК Битола, за случајот кој што е запозната јавност и е доста актуелен во јавноста, можам да изјавам дека добивме наредба од Основното јавно обвинителство Битола, вршиме консултации со јавен обвинител, во тој предмет ги анализираме начинот на спроведување на тендерската постапка и начинот на реализацијата на тие договори кои што се производната тендерска постапка.

Се уште е рано, бидејќи се работи за обемна документација, потребни се повеќе проверки, потребна е детална анализа, така да се уште не би излегувал со некакви проценки во овој дел.

Но, но сакам да ви уверам дека посебно внимание ќе посветиме на овој предмет и веднаш штом ќе имаме нешто конкретно во делот на првични сознание и во делот на соодветен поднесок до јавното обвинителство, јавноста ќе биде известен.

Дали во мометов во делот од предметите се проверува некој од актуелните функционери?

Секогаш кога постапуваме, ние не правиме разлика дали се ексфункционери или актуелни функционери. Нормално е дека во предметиве ќе излезат и актуелни функционери и екс функционери, така што Управата за финанска полиција ќе постапува неселективно, без разлика за кој да е предмет, за кое да е име и да произлезе од тој предмет.