Да се среди „хаосот“ со доделувањето пари за проекти од национално значење во културата. Вака со една реченица може да се опишат препораките кои ги дал Државниот завод за ревизија до Министерството за култура после извршената ревизија за 2023 година, во која голем дел е посветен токму на овие пари. Ревизорите всушност потврдиле се она на што со години реагираа културните работници кои аплицираа за парите кои се издвојуваат од државниот буџет, а ги распределува Министерството со помош на комисии кои вршат бодувања.
Но, ревизорите утврдиле дека токму тие комисии се нестручни за областите за кои одлучуваат и немаат јасни критериуми по кои би ги рангирале проектите.
„Со законот за култура не се предвидени критериумите и мерилата врз чија основа ќе се врши оцена на проектите. Оцената и изборот на проектите го вршат комисиите за кои постои можност да се без соодветни квалификации и искуство што може да има влијание врз доделување на финансиска поддршка на недоволно квалитетни проекти од национален интерес“, пишува во ревизорскиот извештај.
Ревизорите од друга страна наишле на непотпишани фактури за трошење на парите од проектите, фактури без податоци за број на лица и денови за кои се реализирало сместување, превоз и поминати километри, а дел од фактурите за печатење на рекламен материјал се прифатени и реализирани без доказ дека се испечатени.
Дел од авторските договори за луѓето кои треба да организираат настани како што се симпозиуми, фестивали или манифестации, според равизорите достигнуваат и до 65% од вкупната сума во проектите, па надминуваат и 4 илјади евра, а сето тоа е поради нивното неограничување.
„Со увид во извештаите на комисиите и ранг листите кои обезбедиле финансиска поддршка, утврдивме дека одделни поддржани проекти се поместени во несоодветни категории и доделен несоодветен број бодови со што истите обезбедиле повисок износ. Поединечни носители веднаш по одобрувањето побарале и добиле со анекси измена на намената на финансиските средства за проектот со што можна е и суштинска измена на одобрениот проект“ се вели во извештајот на ревизорите.
Инаку за конкурсот во 2023 Министерството до ревизијата исплатило повеќе од 5 милиони евра, додека првично беше најавено дека од буџетот на државата биле предвидени 12 милиони евра.
Сега од Mинистерството велат дека за реализација на последниот конкурс за 2024 година биле предвидени 14,5 милиони евра.
После објавувањето на резултатите од конкурсот со реакции се јавија повеќе здруженија, како Друштвото на писателите на Македонија, Македонската асоцијација на издавачи, ЗЏМ Биг бенд, иницијативата „Аудиција Сега!“, но и индивидуални автори, како Тошо Филиповски, Блаже Миневски, Петар Андоновски. Сите тие беа незадоволни од начинот на распределба на парите.
Истраги има, резултати нема
Од Државното обвинителство за РСЕ велат дека го добиле и овој извештај на ревизорите и дека е оформен предмет се испитуваат можни злоупотреби. Но, ова не е прв предмет поврзан со доделувањето на пари за културата.
Хусни Исмаили беше пратеник и потпретседател на Собранието од редовите на Алтернатива во минатиот парламентарен состав, а поранешен министер за култура. За него обвинителството отворило предмет уште на 24 август 2021 година по доставено известување од Финансиската полиција за неправилности при доделување на пари за проекти од национален интерес од областа на културата за 2019 година. Но истата полиција после две години побарала одложување на роковите за да испрати дополнителни докази, велат од обвинителството.
„По преземање на предметот во работа од страна на друг јавен обвинител, истиот веднаш достави втора ургенција на 1 март 2024 година со која побара Финансиската полиција веднаш да го достави известувањето по однос на преземените мерки и постапки, а во врска со првично издадената наредба. До денес УФП нема постапено по ова барање“, одговараат од Државното обвинителство за РСЕ.
Од Финансиската полиција не одговорија на прашањата на РСЕ.
Со ова најголемиот скандал за кој иницијатива достави и Државната комисија за спречување на корупција, а беше поврзан со доделувањето на парите за проектите останува нерасветлен. Тогаш Исмаили се правдаше дека работел чесно и законски, но Владата го стопираше финансирањето на проектите и дел од договорите беа раскинати.
По заминувањето на Исмаили внатрешна ревизија утврди дека биле склучувани анекси на договори за зголемување на сумите и биле прифаќани обжалени проекти. Беа раскинати договори во вкупен износ од над 1 милион евра поради нереализирани проекти и неуредна документација и се очекуваше дека Финансиската полиција во најбрз рок ќе ги расчисти евентуалните злоупотреби.
Пари за култура добиваа поранешни функционери, нивни роднини, непознати невладини
Додека со Министерството за култура раководеше Исмаили по 1.500 евра за своите проекти добија Ѓорѓи Спасов, долгогодишен партиски функционер на СДСМ, пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, како и поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин. Клучен критериум за добивање финансиска поддршка бил квалитетот на проектите, беше тогашното објаснување на Исмаили.
Во 2018 година после бурни реакции и повеќе медиумски истражувања беа повлечени околу 20 проекти кои беа сомнителни. Таквата одлука ја донесе тогашниот Министер за култура, Роберт Алаѓозовски. Ревидирањето следуваше откако беа откриени бројни нерегуларности на сопружници кои добиле повеќе проекти, службени и пријателски врски, новоформирани здруженија, но и фирми за лов кои ги поддржало Министерството за култура.
Огромни реакции и обвинувања имаше за селективност и отсуство на критериуми и за доделените пари за проекти во 2019 година кога министер беше Асаф Адеми. Тогаш дел од членовите имаа издвоено мислење за конечната листа, а дел си дадоа оставки од советот за култура.
Сега ревизорите препорачуваат итно да се донесе нов закон за култура со кој ќе се прецизира начинот на финансирање на проектите, но и да се донесе национална стратегија со која ќе се решат спорните прашања.
Нов конкурс, нов министер, нови комисии
Уште два дена, односно до 31 октомври трае рокот до кога може да се пуштат апликациите по електронска пошта за проекти од културата кои ќе се реализираат следната година. На интернет порталот на Министерството за култура е објавен конкурсот и во него за критериумите кусо пишува:
„Критериумите и мерилата за оцена на проектите се содржани во Годишните конкурси“.
За сега се уште нема предвидено колку пари ќе бидат одвоени за проектите кои треба да се реализираат во 2025 година, а од култура велат дека тоа ќе се знае со носењето на буџетот за следната година. Од таму се пофалија дека по препораките од Државниот завод за ревизија, за првпат изготвило „Упатство за критериумите за именување на членовите на комисиите“. Тие треба да имаат најмалку 10 години професионално искуство, реализирано, организирано или продуцирано најмалку 5 проекти од соодветна дејност која ќе ја оценуваат.
„Уверени сме дека во согласност со ова упатство, ќе се именуваат стручни комисии кои ќе направат избор на најквалитетните проекти и програми од национален интерес во културата што се доставени до Министерството за култура и туризам“, се вели во одговорот од Министерството за РСЕ.
Сепак од министерството не откриваат кои се членовите на комисиите. За критериумите пак е креирано и Упатство за утврдување на видовите на проектите. Од Министерството најавуваат дека годинава ќе има максимални износи на пари кои може да г идобијат проектите, а целта според нив е да се ограничат големите разлики во износите што биле доделувани досега за еден ист вид проект.