Стано: Нападот со интерконтинентална ракета е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

Петер Стано, портпарол на Европската комисија

Извештаите дека Русија употребила интерконтинентална балистичка ракета за напад врз цел или цели во Украина, претставуваат јасен сигнал за понатамошна ескалација на конфликтот од страна на рускиот претседател Владимир Путин, изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

„Тој започна со предизвикување прехранбена и енергетска криза, сега се повеќе и повеќе се обидува да игра со гладот и зимата, а тоа што со дронови, бомби и проектили ја таргетира енергетската и цивилната инфраструктура во Украина, е јасен показател на желбата за ескалација и тероризирање на населението“, рече Стано.

Според него, Путин повторно игра на картата на нуклеарна закана со неодамна ажурираната нуклеарна доктрина на Русија, а дополнително на европско тло повика и севернокорејски војници.

„Се ова се јасни сигнали за желба за ескалација, а не за желба за изнаоѓање пат кон мирот. Секако, употребата на интерконтинентална балистичка ракета би била уште една квантитативна и квалитативна промена во пристапот и јасен сигнал за ескалација“, додаде Стано.

Видете и ова: Русија, наводно, истрелала интерконтинентална балистичка ракета во Украина

Запрашан дали на користењето на интерконтинентална балистичка ракета може да се гледа како на прв чекор кон нуклеарен напад, Стано одговори дека Путин игра на картата на нуклеарната закана цело време од почетокот на агресијата врз Украина.

„Тоа започна со заземањето и воените операции во околината и во објектите на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа во Запорожје. Да не заборавиме, таа е се уште окупирана од руските војници, кои одвреме-навреме се доведени во ситуација да се борат многу блиску до оваа нуклеарна постројка“, рече Стано.

Видете и ова: Захарова: Сили на НАТО во Украина значи влегување на Алијансата во војна со Русија

Во одговор на прашање дали нападот со интерконтинентална балистичка ракета врз Украина може да се смета како сигнал на Москва до Брисел и ЕУ, Стано истакна дека секој чекор од страна на Русија со илегалната агресија врз украинскиот народ е порака до Украинците, Американците, Европејците и до целата меѓународна заедница дека Путин е непредвидлив агресор, кој патем е баран за можни воени злосторства од страна на Меѓународниот кривичен суд.

Русија изврши голем ракетен напад врз Украина рано на 21 ноември, што предизвика штета во најмалку два региони, објавија украинските воздухопловни сили и регионалните лидери, а целата земја беше во состојба на готовност за воздушен напад неколку часа.