Четири белоруски семејства се соочуваат со судења за протестите во 2020 година

Алјаксандар Лукашенко владее со Белорусија од 1994 година.

Четири години по избувнувањето на масовните протести против авторитарното владеење на Александар Лукашенко во Белорусија, продолжуваат судските процеси против оние кои излегоа на улиците.

Во судовите во Минск во моментов се водат повеќе постапки против семејства обвинети за учество во протестите во 2020 година.

На 19 ноември, на Хана, Инна и Раман Усманау, заедно со Кирил Селјазњу, ќе им се суди во окружниот суд Завод. Тие се обвинети за „активно учество во дејствија со кои грубо се нарушува јавниот ред и мир“.

Истовремено, окружниот суд Фрунзе започна постапка против Катјарина и Ихар Грамович по истото обвинение.

Понатамошни судења во кои ќе бидат вклучени семејства се закажани во наредните денови.

Видете и ова: Лукашенко со нов бран помилувања на политички затвореници

На 21 ноември, во случајот на двојката: Марк Куницки и Ирина Пратазанова-Куницкаја ќе има сослушувања во Окружниот суд Кастричник.

На 22 ноември, на Ана, Татјана и Андреј Вашчишин ќе им се суди во Окружниот суд Фрунзе.

Случаите произлегуваат од протестите во 2020 година кои следеа по спорните претседателски избори кои го продолжија долгогодишното владеење на Лукашенко за уште еден мандат.

Изборите беа широко осудени како фалсификат од страна на Соединетите Држави, Европската Унија и другите меѓународни актери.

Протестите, на кои се бараше оставка на Лукашенко, беа дочекани со масовни апсења, наводни мачења и насилни репресии во кои загинаа неколку луѓе.

Многу опозициски лидери остануваат во затвор или во егзил, додека Лукашенко одбива дијалог со неговите критичари. Судењата ја одразуваат тековната репресија, додека белорускиот режим продолжува со напорите да го задуши несогласувањето и да ја консолидира моќта.