Полицијата во Тбилиси ги растури шаторите на демонстрантите кои бараат нови избори

Грузиската полиција приведе демонстрант за време на протестот против резултатите од минатомесечните парламентарни избори во Тбилиси, 19 ноември 2024 година

Полицијата во Тбилиси го растури шаторскиот камп што демонстрантите го поставија на главната улица во знак на протест поради резултатите од парламентарните избори минатиот месец и бараат ново гласање.

По изборите одржани на 26 октомври партијата Грузиски сон остана на власт, но противниците тврдат дека гласањето било наместено. Таа партија блиска до Русија на тој начин обезбеди четврти мандат на власт.

Многу Грузијци ги сметаа изборите како референдум за обидот на земјата да се приклучи на Европската унија. Оттогаш се одржаа неколку големи протести.

Видете и ова: Демонстранти поставија камп во главниот град на Грузија и бараат нови избори

Кога поставија шаторски камп, демонстрантите ветија дека ќе останат деноноќно барајќи нови парламентарни избори.

Кога полицијата почна да ги растерува, настана тепачка и неколку демонстранти беа приведени. Некои од демонстрантите носеа знамиња на Европската Унија.

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили ги отфрли официјалните резултати и смета дека Грузија е жртва на руски притисок за да не влезе во Европската Унија.