Кремљ го обвини американскиот претседател Џо Бајден дека долева масло на огнот и дека сака да предизвика ескалација на конфликтот во Украина со укинување на ограничувањата за оружјето со долг дострел.
Коментарите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 18 ноември доаѓаат по извештаите дека Бајден, наводно, и дал дозвола на Украина да користи американско оружје за да напаѓа подлабоко во Русија.
Развојот доаѓа по повеќемесечно лобирање од страна на украинските официјални лица, вклучително и на претседателот Володимир Зеленски, за западните држави да му дадат зелено светло на Киев да го користи донираното оружје до нивниот целосен потенцијал за да погоди цели кои моментално се надвор од домет.
Соединетите Држави, заедно со другите земји на НАТО, до овој момент воведоа ограничување на растојанието што американските ракети би можеле да го користат за напад на руска територија.
Песков рече дека потегот за промена на таа граница, што не е официјално потврдена од Вашингтон, ќе доведе до нова рунда на тензии и ќе го продлабочи учеството на САД во руската војна против Украина.
„Очигледно е дека администрацијата во заминување во Вашингтон има намера да преземе чекори за да продолжи да го разгорува огнот и да провоцира понатамошна ескалација на тензиите“, рече Песков.
Видете и ова: Наводно, САД и дозволува на Украина да ја нападне Русија со оружје со долг дострелРускиот претседател Владимир Путин во септември го предупреди Западот дека Русија може да одговори со нуклеарно оружје доколку биде погодена со конвенционални ракети и дека Москва ќе го смета секој напад поддржан од нуклеарна сила за заеднички напад.
Рускиот парламентарец Леонид Слуцки рече дека таквиот потег ќе доведе до ескалација.
„Американските ракетни напади длабоко во руска територија неизбежно ќе доведат до голема ескалација што се заканува да има многу посериозни последици“, рече Слуцки, претседател на Комитетот за надворешни работи на Државната дума, во интервју за државната новинска агенција ТАСС.
Оружјето најверојатно ќе се користи како одговор на одлуката на Северна Кореја да испрати илјадници војници да ја поддржат Русија во регионот Курск, каде што Украина изврши воен упад во текот на летото. Извештаите сугерираат дека Украина сепак ќе биде ограничена на удар на тој југозападен руски регион.
Овој потег, исто така, ја отвора вратата за Обединетото Кралство и Франција да го следат примерот, потенцијално овозможувајќи и на Украина да и зададе удар на Русија во критичниот момент од војната. Украина се обидува да ги задржи територијалните придобивки во рускиот регион Курск, кои би можеле да бидат клучни за какви било идни преговори.
Видете и ова: Може ли евентуалната дозвола за „длабок удар“ да ја наруши рамнотежата на војната во Украина?Сепак, реакцијата на Зеленски на веста беше малку резервирана.
„Денес многу се зборува во медиумите за тоа дека сме добиле дозвола за соодветни дејствија. Но, ударите не се прават со зборови. Таквите работи не се најавуваат. Ракетите сами ќе зборуваат“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање.
Во меѓувреме, европските сојузници на Киев беа оптимисти во нивната реакција на веста.
Полскиот претседател Анджеј Дуда рече дека акцијата на Бајден може да биде одлучувачки момент во војната.
„Оваа одлука беше неопходна... Русија гледа дека Украина ужива силна поддршка и дека позицијата на Западот е непопустлива и одлучна. Тоа е многу важен, потенцијално одлучувачки момент во оваа војна“, им рече Дуда на новинарите.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека потегот на Вашингтон е важен во однос на воената поддршка за Украина, но нагласи дека тоа не сигнализира промена во стратегијата на Западот.
Највисокиот германски дипломат, исто така, издаде предупредување до поддржувачите на рускиот претседател Путин и рече дека Европската Унија подготвува нови санкции против Иран, како и дека го разгледува прашањето за поддршка на кинески беспилотни летала.