Кремљ ги негира извештаите за разговорот Путин-Трамп како „целосно невистинити“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ ги демантираше медиумските извештаи за телефонски разговор меѓу новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека извештаите се „целосно лажни“.

„Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори блиски до Трамп, на 10 ноември објави дека Трамп телефонски разговарал со Путин на 7 ноември за војната во Украина. Се наведува дека Трамп го прифатил повикот во Флорида еден ден по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Неименувани извори цитирани од весникот велат дека Трамп му рекол на Путин да не ја разгорува војната во Украина и изразил интерес за понатамошни разговори за „наскоро решавање на војната во Украина“.

Ројтерс исто така објави за повикот.

„Ова е целосна невистина. Ова е чиста фикција, тоа се само лажни информации“, изјави за медиумите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на 11 ноември и додаде:

„Немаше разговор“.

Видете и ова: Во телефонски разговор Трамп му порачал на Путин да нема ескалација на војната во Украина

Путин неформално му ја честиташе победата на новоизбраниот претседател на 7 ноември. Тој ја пофали „храброста“ на Трамп да преживее обид за атентат во јули и рече дека е „подготвен“ да разговара со него.

„Ова е најјасен пример за квалитетот на информациите што се објавуваат во денешно време, понекогаш дури и од доста реномирани медиуми“, рече Песков.

Песков додаде дека „се уште нема конкретни планови“ за таков повик.

Песков, исто така, рече дека Кремљ забележал „одредена нервоза“ во Европа по реизборот на Трамп.

На кампањата пред изборите на 5 ноември, Трамп тврдеше дека ќе стави крај на војната во Украина без да понуди детали за тоа како планира да го стори тоа.

Видете и ова: Ексклузивно: Неколку дена по инвазијата, Русија предложила мировен договор за „капитулација“ на Украина

Трамп претходно посочи дека Украина можеби ќе треба да се согласи да се откаже од територијата за да склучи мировен договор со Русија.

Луѓето кои се запознаени со повикот за Вашингтон пост изјавија дека Киев бил информиран за повикот на Путин и дека не се противел.

Сепак, портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Хеорхиј Тихиј на 10 ноември за Ројтерс изјави дека Киев немал информации за разговор меѓу двајцата.

„Извештаите дека украинската страна била однапред информирана за наводниот повик се лажни. Украина не може да го одобри или да се спротивстави на повикот“, рече Тихиј.