Молдавија го осудува „агресивниот“ упад на руски дронови на нејзина територија

илустрација

Министерството за надворешни работи на Молдавија ги осуди „агресивните“ дејствија на Русија откако две руски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на Молдавија и се урнаа на нејзина територија на 10 ноември.

Еден од дроновите полицијата го пронашла во Боросенија Нои, село на северот на Молдавија на околу 45 километри од украинската граница, додека другиот се наоѓа во јужното село Фирладени, на 40 километри од границата со Украина.

Двете беа беспилотни летала за мамка што се користеа за да се доведе во заблуда украинската воздушна одбрана за време на нападот.

„Силно ги осудуваме овие агресивни упади и ја повторуваме нашата осуда за бруталната војна на Русија против Украина“, се вели во соопштението на министерството.

Видете и ова: Со бесплатни патувања Русија ја „купува“ љубовта на младите Молдавци

Најмалку 15 инциденти со руски беспилотни летала се регистрирани во Молдавија од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Односите меѓу Москва и Кишињев се затегнати по руската инвазија на Украина, но и поради обвинувањата на Кишињев за руско мешање во изборите во Република Молдавија.

Минатата недела руското Министерство за надворешни работи го повика амбасадорот на Република Молдавија, Лилијан Дари, за да го изрази својот „цврст протест“ против „неразумното“ одбивање да се акредитираат меѓународни набљудувачи од Русија на претседателските избори и референдумот на 20 октомври.