Северна Македонија во 2022 година потрошила приближно 22,6 милиони евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие пари, 50 отсто се исплатени за студентки оброк, 40 отсто за стипендии, 17 отсто за сместување и исхрана, а 3 отсто за останати расходи.
Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил дека мерките и политиките што ги презеле надлежните органи за студентскиот стандард се недоволно ефикасни за да се создадат соодветни услови за стипендирање, сместување и исхрана на студентите.
На презентација на Извештајот во Собранието, главниот државен ревизор, Максим Ацевски рече дека се констатирани „поразителни бројки и состојба“ која, рече, „не упатува на услови што би требало да бидат хумани за живеење на нашите студенти“.
Притоа, ниту студентските домови, ниту надлежното министерство, како што рече, немаат стратегија за утврдување пристап за постапување кон овој проблем.
„Сето ова укажува дека во суштина се одлеваат недоволно средства, но и во она што се одлева, има слабости во начинот на користење. Од 11,37 милиони евра кои се исплаќаат за студентски оброк или 50,2 отсто од вкупните расходи, се исплатуваат на начин кој не обезбедува целосно потврда дека средствата се исплатени навистина за оброк. Во 2022 година исплатата се вршела на трансакциските сметки на студентите кои тие средства можеле да ги користат за сосема друга намена, а не за намената што е утврдена. Преземени се мерки во 2023 и 2024 година, но сè уште не е исполнето она што е законски начин на исплата на средствата“, рече Ацевски на седница што денеска ја организираше собранискиот Клуб за младински прашања и политики.
Видете и ова: Кирија или студентски дом: „Ќе платам за да делам тоалет со две цимерки, а не со 12 соби“За министерката за образование, Весна Јаневска, оправдана е констатацијата во врска со Законот за субвенциониран студентски оброк „дека законското решение не дава целосна гаранција дека средствата се користат исклучиво за прехрана на студентите“.
Таа соопшти дека субвенционираниот студентски оброк го чини МОН 800 милиони денари годишно.
„Со 800 милиони денари годишно, МОН може многу да направи за студентскиот стандард. Но, тоа е што е, законот нема да биде укинат и мора да се почитува“, рече министерката.
Државниот ревизор, Ацевски, посочи дека Извештајот укажува и на поразителни бројки за сместувачките капацитети, условите и перцепцијата на задоволство од студентите за што говорат нивните поплаки дека во дел од домовите нема топла вода или стабилен интернет.
„Од 12 оценки, имаме добиено две единици, осум двојки и само две тројки. Тоа е перцепцијата на нашите студенти во однос на квалитетот на сместување и квалитетот на храната во државните студентски домови“, истакна ревизорот.
Цената за сместување во државните студентски домови од 2008 година до сега е непроменета и изнесува 6.820 денари, од кои половината ги субвенционира државата, а другата половина ја плаќа студентот.
Според Ацевски, со 16 години непроменета цена се прави вештачки притисок со цел да не се испорача квалитетна услуга кон студентите односно кон граѓаните.
Во однос на цената за сместување за која во извештајот ДЗР препорачува да биде двојно зголемена и да изнесува 14.680, министерката Јаневска смета дека за тоа да се спроведе сега и одеднаш би било „голем шок и за студентите кои би требало да плаќаат 7.340 денари, но и за државата“.
„Но, ако поранешните министри етапно ја прилагодувале цената на реалните трошоци и инфлацијата, до ова немало да дојде. Сега домовите немаат пари да покријат основни трошоци за работење. Но, не е само цената во прашање, јавна тајна е дека во домовите многу долг период се работело многу недомаќински, а постојат индиции и дека биле искористувани на незаконски пат средствата на граѓаните, на државата. Познати се проблемите со храната, познати се и проблемите со сместувањето, нелегално издавање соби, купување храна по енормни цени, а студентите добиваат неквалитетен оброк“, истакна министерката.
Домовите немаат пари, рече таа, поради ниските цени кои ги наплаќаат. Ја користат одредбата од законот според која МОН може да им помогне со покривање на дел од режиските трошоци кои се дефинирани како непредвидени.
Проблемите очекува дека ќе се решаваат по донесување на нов Закон за студентски стандард што се планира во 2025 година.
Планот е во новото законско решение да се дефинира модел на финансирање на домовите, со кој ќе се обезбеди континуирано финансирање согласно реалните потреби на домовите, а притоа ова нема да предизвика преголем финансиски товар на студентите, посочи Јаневска.
По укажување на ДЗР, рече министерката, МОН веќе го воспоставува и регистарот на домови и активно работи на забрзување на постапката на реконструкција на домовите опфатени со Проектот за енергетска ефикасност.