Предлог буџетот за 2025 година денеска на владина седница

илустрација

Предлог буџетот за 2025 година денеска (29 октомври) ќе биде разгледан на седница на Владата, потврди премиерот Христијан Мицкоски.

Тој оцени дека е добро што нема драматично зголемување на дефицитот и оти постепено има изденачување со капиталните инвестиции.

„Капиталните инвестиции се некаде на ниво од 50-ина милијарди денари, од коишто 32 милијарди се од основниот буџет и некои 80-ина од заеми и програми коишто се веќе тековни или допрва ќе бидат земени. Буџетскиот дефицит мислам дека е околу 41-42 милијарди денари. Оваа година е добро тоа што немаме драматично зголемување на дефицитот, постепено капиталните инвестиции и буџетскиот дефицит се изедначуваат. Тие се сега негде на ниво 300 со 400 милиони евра, очекувам до крајот на годината да бидат многу блиску“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Собранието го донесе ребалансот на Буџетот

Наведе дека се забрзува реализацијата на големите инфратструктурни проекти.

„Се раздвижуваат работите, долговите се враќаат. Имаме околу 20-ина милијарди поголеми приходи од оние 30 милијарди зголемување на буџетскиот дефицит при ребалансот, така што полека, но сигурно овие индикатори за овие неколку месеци се добри. Сега како ќе биде понатаму ќе видиме“, рече Мицкоски пред учеството на Првата годишна конференција на Блумберг Адрија во Скопје.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претходно во телевизско гостување рече дека Буџетот за 2025 година ќе биде развоен, но нема да биде занемарена и социјалната компоненета.

Проекциите коишто ќе бидат пренесени во Буџетот за 2025 година беа презентирани со усвојување на Фискалната стратегија, односно 4 проценти буџетски дефицит и 3,7 проценти проценти раст на БДП.