Општините кои поминаа на огласот за доделување на државна помош за капитални инвестиции од парите од унгарскиот кредит денеска ги потпишаа договорите. Вкупно се потпишани 274 проекти за вкупно 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот.
„Согласно првиот повик што го објави Министерството за локална самоуправа, денеска вклучуваме договори за 274 проекти во вкупна вредност од околу 4.1 милијарди денари. Денеска се потпишуваат договорите што се темелат на шест владини одлуки, поделени на шест клучни ресори каде што овие пари ќе бидат инвестирани во изградба на проекти, појасни премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата одржана веднаш по потпишувањето на договорите.
Речиси 133 милиони денари се одвојуваат за реконструкции, изградба и модернизирање на училишта и спортски сали, а се опфатени општините Гази Баба, Битола, Липково, Боговиње, Кичево и други.
Видете и ова: Унгарскиот заем кај македонските компании пред Нова годинаЗа реализација на инфраструлктурни проекти од областа на транспортот се одвојуваат околу две милијарди и 800 милиони денари. Проектите се однесуваат на инвестиции во локалната патна мрежа, коловози, патеки, пристапни улици.
Во делот на социјалната политика ќе бидат инвестирани околу 59 милиони денари што ќе бидат употребени за изградба на нови детски градинки во Петровец и Гази Баба.
Во областа на спортот беа потпишани договори во висина од 220 милиони денари за изградба на центри за спорт, рекреативни паркови и спортски сали.
За реализација на проекти од културата и туризмот предвидени се близу 200 милиони денари кои се наменети за општините Гевгелија, Пехчево, Радовиш, Гази Баба.
Договори беа потпишани и за проекти од областа на животната средина и просторното планирање за што ќе бидат инвестирани близу 630 милиони денари.
Според премиерот Мицкоски, ова е нивното клучно ветување до граѓаните и доказ за нивната работа за инфраструктурни инвестиции и директна поддршка на илјадници граѓани.
„За само три месеци, овој проект станува реалност и сега почнува процесот на она што ќе придонесе за промена на тешката реалност и отсуството на поддршка на општините. Ова е историска најголема инвестиција на централната власт за локалните самоуправи и ќе продолжат јавните повици сѐ до целосно искористување на предвидените 250 милиони евра, подвлече премиерот.
Тој апелираше општините да изработуваат квалитетни проекти и тие, како што нагласи, ќе бидат реализирани.
Четири општини што немаат воопшто добиено никаков проект бидејќи задоцниле со документите. За нив рокот за достава на документацијата е продолжен до 15 ноември.
„Ќе имаат простор до 15 ноември да достават тоа што им недостасува. Но, дел од овие општини што ги споменав, исто така, имаат проекти што се одобрени, но, недостасуваат некои од документите и тие, исто така, ќе треба да ги дополнат документите до 15 ноември и оваа бројка од 270 да дојде до околу 350, така што, сите ќе бидат опфатени што имаат капитални инвестиции, подвлече Мицкоски, додавајќи дека очекувањата се дека бројката на средства што ќе бидат наменети за општините во оваа фаза ќе достигне до шест милијарди денари.
За следната година, како што најави, ќе бидат финансирани проекти од 15 милијарди денари со што ќе се стигне до бројка од 21 милијарда денари.