Запрена изградбата на белорускиот воен камп во близина на Украина

Местото на изградба на воен објект кај Гомел.

Запрена е изградбата на нов воен камп во регионот Хомел во Белорусија, за кој некои аналитичари предупредија дека може да се користи како база за напад насочена кон Украина, дознава белорускиот сервис на Радио Слободна Европа.

Активноста на местото на објектот „Чајка“, кој беше поранешен детски камп за одмор од времето на комунизмот лоциран на само 40 километри од границата со Украина, се чини дека е сопрен без причина, велат локални извори за РСЕ. Оваа информација е потврдена и со сателистки слики кои ги обезбеди белорускиот сервис на РСЕ.

Според владините планови, проектот требаше да биде финансиран од државната инвестициска програма. Очекувањата според владините планови, беа тој да биде готов до 2027 година.

Видете и ова: Белоруските власти конфискувале куќа на директор на телевизија означена како „екстремистичка“

На почетокот на годината, локацијата беше исполнета со градежна опрема, а локалните жители изјавија за РСЕ дека изградбата започнала.

Сателитската снимка од 10 октомври покажува дека на територијата на поранешниот камп не се појавиле нови згради.

Русија ја искористи Белорусија како област за да започне целосна инвазија на Украина, но Минск вели дека не им дозволила на белоруските сили да учествуваат во конфликтот.