Украина ја истражува поддршката на Северна Кореја за Русија како можно злосторство на агресија

Претседателите на Северна Кореја и Русија, Ким Џонг Ун и Владимир Путин

Украинските обвинители објавија дека започнале истрага за поддршката на Северна Кореја за Русија во војната како можно злосторство на агресија.

Со вооружување и снабдување на копнените сили ангажирани во борбите против Украина, севернокорејските власти би можеле да се соочат со обвиненија, изјави Канцеларијата на јавниот обвинител за Ројтерс.

„Документираме и собираме докази за сите можни аспекти на таквата вмешаност како дел од основната постапка за кривично дело агресија“, се вели во соопштението на канцеларијата.

Аспектите на наводниот криминал вклучуваат снабдување со оружје за Русија, организирање обука на руски воен персонал и директно учество на севернокорејските сили во непријателствата, се наведува во соопштението.

Видете и ова: Русија го одобри Договорот за воена помош со Северна Кореја

Украинската воена разузнавачка агенција, Јужна Кореја и неколку западни влади соопштија дека севернокорејските трупи обучени од Русија се распоредени во регионот Курск, руската погранична област каде што украинските сили извршија голем упад во август.

Кремљ првично ги отфрли извештаите за распоредување на севернокорејската војска како „лажна вест“. Сепак, рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот рече дека е работа на Москва како ќе го спроведе договорот за партнерство со Пјонгјанг.

Украинската разузнавачка агенција соопшти дека вкупно околу 12 000 севернокорејски војници, од кои 500 офицери и тројца генерали, веќе се во Русија, а обуката се одвива во пет воени бази.

Во петокот, холандското Министерство за одбрана соопшти дека нивните разузнавачки служби потврдиле дека најмалку 1500 севернокорејски војници се очекува наскоро да бидат распоредени за да помогнат во борбените операции на Русија против Украина.