Руската Државна Дума, Долниот дом на парламентот, го одобри договорот за стратешко партнерство со Северна Кореја, кој дозволува „воена и друга помош“ од една на друга земја, пренесе сервисот на англиски јазик на Радио Слободна Европа(РСЕ).
Договорот, одобрен на 24 октомври, откако првично беше договорен меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Пјонгјанг во јуни, ја носи соработката меѓу двете земји на повисоко ниво, вклучително и изјава во која се наведува дека доколку едната страна биде нападната и се најде во воена состојба, другиот мора „веднаш да обезбеди воена и друга помош со сите средства што му се на располагање“.
Не е јасно како треба да се толкува таа клаузула, но и Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави(САД) неодамна рекоа дека имаат докази дека севернокорејските трупи се во Русија и се чини дека одржуваат вежби.
Таквото распоредување ја зголемува можноста севернокорејските војници да им се придружат на руските трупи кои се борат во Украина, бидејќитаму продолжува војната предизвикана од целосната инвазија на Москва врз нејзиниот сосед во февруари 2022 година.
Секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, на 23 октомври рече дека има докази за испраќање војници во Русија од страна на Северна Кореја откако Пјонгјанг ѝ обезбеди оружје на Москва.
Аналитичарите сè уште ја проценуваат ситуацијата, рече Остин, но Пјонгјанг, кој ги негираше обвинувањата, може да се соочи со последици за директната помош на Русија.
Портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби,изјави дека Белата куќа верува дека најмалку 3.000 севернокорејски војници отпатувале со брод до Владивосток на рускиот Далечен Исток меѓу почетокот и средината на октомври.
Минатата недела, јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) соопшти дека го следела движењето на војската на Северна Кореја од 8 октомври до 13 октомври и дека снимила транспорт на специјални сили на руска територија преку руски транспортен брод.
Институтот за проучување на војната, тинк-тенк организација со седиште во Вашингтон, исто така неодамна објави дека неколку илјади севернокорејски војници пристигнале во Русија и се подготвуваат за распоредување во Украина.
Кремљ претходно ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја дека Пјонгјанг ѝ испорачувал артилериски гранати и ракети со краток дострел на Москва, но не ги коментираше последните тврдења ниту на Сеул ниту на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој на 14 октомври рече дека „ова веќе не е само пренос на оружје. Всушност се работи за трансфер на луѓе од Северна Кореја до окупаторските воени сили“.
Пјонгјанг и Москва се сојузници од основањето на Северна Кореја по Втората светска војна и уште повеќе се зближија по руската инвазија на Украина во 2022 година, при што Сеул и Вашингтон долго време тврдат дека Ким Џонг Ун испраќал оружје за употреба во Украина.