Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека иницира проект за развој на државата кој ќе биде преточен во стратегија до 2050 година, а ќе се прави во соработка со Македонската академија за науките и уметностите (МАНУ) и ќе се бара консензус од сите политички партии и чинители.
Тој вели дека со ваков документ ќе се дефинира развојот, демографските предизвици, економските цели, земјоделскиот, технолошкиот, енергетскиот и транспортниот развој.
„Ајде да се обединиме и заеднички да носиме одлуки за иднината зашто друга татковина немаме. Да размислиме стратешки за добро на државата. Секој ваш предлог што е конструктивен ќе го прифатиме“, рече Мицкоски повикувајќи ја опозицијата на соработка.
Видете и ова: Северна Македонија ќе загуби половина милион жители за 50 години Видете и ова: Европска (не)перспективност пред посетата на Урсула фон дер ЛајенВаквата најава и повиците тој ги упати во неговиот говор на свечената академија „Завет што обврзува“ што Владата ја организира денеска по повод државниот празник 23 Октомври – Ден на Македонската револуционерна борба.
Во обраќањето премиерот зборуваше и за напредокот на државата на патот кон ЕУ.
„Мора сами да се свртиме кон себе, да се цениме повеќе, да веруваме во себе, да не дозволуваме да не водат алузии дека сите не престигнале и дека нас не нè бидува. Тоа не е точно. Одамна ќе бевме во ЕУ да не беа билатералните проблеми“, рече Мицкоски.
На одбележувањето на Денот на Македонската револуционерна борба познат и како Денот на ВМРО, премиерот, кој е лидер на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, правеше паралела и со минатото велејќи дека „суштината на нашата и на борбата на историското ВМРО е иста“.
„ВМРО нераздвојно и непоколебливо му припаѓа на македонскиот народ зашто организацијата беше народот и од него произлегуваа водачите, народните херои кои се поклонуваа пред олтарот на борбата за слобода. Борбата не следи до денес, затоа велам, суштината на нашата борба и нивната, на историското ВМРО е буквално иста, овој ден сакам да го славиме сите, и левата и десната страна од политичкиот спектар, зашто ВМРО е и нивна историја, во ВМРО и тогаш имало поделба на леви и десни, сакам ова да биде празник на сите граѓани“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Мицкоски задоволен, Филипче со критики за „закопана“ европска иднина23 октомври, како државен празник, кој е неработен во Северна Македонија, се одбележува од 2007 година кога како таков беше воведен од тогашната влада на поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој беше на власт во земјава од 2006 до 2016 година.
Опозициската СДСМ во времето на владеење на Груевски обвинуваше дека заради тесен партиски интерес партијата ВМРО-ДПМНЕ ја присвојува и монополизира историјата на ВМРО и оти на таков начин и го прогласила 23 октомври за државен празник.
Денес, социјалдемократите реагираа дека власта го честитала празникот со помилување криминалци, алудирајќи на одлуката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за помилување на десет осуденици.
Инаку, Сиљановска Давкова денеска беше меѓу присутните на свечената академија на Владата, откако претходно преку социјалните мрежи испрати честитка за празникот.
„Прославувајќи го денешниот празник да се потсетиме на сите знајни и незнајни херои и на нивните идеали, убедувања и жртви. Денес, кога го живееме нивниот сон, да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, дека не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш. Да се почитуваме еден со друг, оти без нас сите, нема македонска држава“, порача Сиљановска Давкова.
Честитките од државниот врв ги комплетираше и претседателот на Собранието, Африм Гаши, порачувајќи дека значајните историски датуми „се потсетник дека треба да дејствуваме заедно во градење современа и просперитетна држава“.
Видете и ова: Политиката не смее да ги дели празницитеДенешната генерација во нашата држава, посочи претседателот на Собранието, се соочува со поинакви искушенија и е исправена пред други цели за разлика од тие во минатото.
„Наша стратешка цел сега е полноправното членството во ЕУ и понатамошното етаблирање во НАТО како рамноправна земја – членка. Предизвик за нашата генерација е постојано да ги унапредуваме демократските процеси, стандардите во здравството, образованието и во науката, владеењето на правото, економските и социјални текови и рамноправноста меѓу граѓаните, без разлика на национална, верска, родова или политичка припадност“, посочи Гаши.
По повод денешниот празник, во Собранието беше доделена и државната награда „23 Октомври“. Годинава ја доби поетот, есеист и преведувач Славе Ѓорѓо Димоски, за долгогодишно остварување во областа на културата и уметноста.