Актуелната молдавска претседателка Маја Санду и кандидатот поддржан од Русија Александр Стојаногло се договорија да одржат јавна изборна дебата на 27 октомври пред вториот круг од претседателските избори на 3 ноември, објавија нивните предизборни тимови.
Проевропската политичарка Санду победи во првиот круг одржан на 20 октомври со 42,49 отсто од гласовите, додека социјалистот Стојаногло освои 25,9 отсто, покажаа конечните резултати, по кампањата која беше одбележана со обвинувања за купување гласови, како и со активности за манипулации и дезинформации оркестрирани од Русија.
На третото место во првиот круг заврши бизнисменот Ренато Усати, поранешен градоначалник на вториот по големина град во Молдавија, Балтија, со 13,79 отсто од гласовите.
Видете и ова: Двојно гласање ја става на тест европската иднина на МолдавијаИстовремено со првиот круг од претседателските избори се одржа и референдум за интеграција на Молдавија во Европската унија. Тој помина со тесна разлика – 50,38 отсто гласаа „за“ и покрај тоа што противниците првично беа во водство.
Иако референдумот нема правно влијание врз преговорите на Молдавија со Брисел, многу тесната маргина на одобрување на интеграцијата во ЕУ беше изненадување за многу набљудувачи кои очекуваа порешително гласање во корист на патот на поранешната советска република кон ЕУ.
Многу набљудувачи ги сметаа двојното гласање во Молдавија како клучно во одлучувањето за насоката во која ќе се движи земјата – ќе има поблиски врски со Европа или ќе остане во сенка на Русија.
Некои експерти го гледаа резултатот како неуспех за Санду, која се залагаше за силна проевропска ориентација со цел да ги зголеми своите шанси за втор четиригодишен мандат.
Видете и ова: Борел и ЕК ги пофалија резултатите од изборите и референдумот во МолдавијаТелевизиската дебата, која ќе се одржи во Палатата на Републиката во главниот град Кишињев, ќе и даде шанса на Санду која е школувана во САД, да ја зајакне својата прозападна порака до молдавските гласачи за време на соочувањето со Стојаногло, поранешен државен обвинител кој се соочува со обвиненија за корупција.
Веројатно дебата ќе биде и место каде таа ќе ја елаборира нејзината изјава во изборната ноќ дека гласањето било под „невиден“ напад на „криминални групи“, кои се обиделе да купат дури 300.000 гласови со десетици милиони евра.
Русија, која беше обвинета од западните партнери на Молдавија за тешко мешање во изборниот процес пред изборите, ги отфрли обвинувањата, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ја повика Санду да приложи докази за да ги оправда нејзините наводи за купување гласови.