Четворица од вкупно 15 вработени во скопската Зоолошка градина( ЗОО) ќе бидат ставени под здравствен надзор, изјави директорката на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ), Марија Андоновска, откако на 20 октомври беше потврден случај на птичји грип кај угината гуска во Зоолошката градина.
Кај еден вработен во ЗОО, кој пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип.
„Здравствен надзор согласно протоколите не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали ќе пројават било каков симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип. Вработените секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози и ќе се следи нивната здравствена состојба“, изјави Андоновска.
Видете и ова: Скопската Зоолошка градина ќе остане затворена 21 ден, АХВ потврди птичји грипЕдно од четирите лица за кои е завршена епидемиолошката анкета, на 18 октомври имал симтоми со температура и дијареја кои траеле еден ден. Според Андоновска, тоа не значи дека лицето има птичји грип и исто така ќе биде тестирано.
Андоновска рече дека нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката градина, доколку немале директен контакт со птиците заболени од вирусот.
Зоолошката градина 21 ден ќе биде затворена за посетители, потврдија од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Последните случаеви на птичји грип во Северна Македонија беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, местото Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.
Вирусот може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина.