Српскиот вицепремиер Вулин во нова посета на Москва

Александар Вулин, вицепремиер на Србија.

Србија и Русија продолжуваат да ја зајакнуваат соработката на безбедносните структури, беше соопштено на 16 октомври од Владата на Србија за време на новата посета на вицепремиерот Александар Вулин на Русија.

Потпретседателот на српската влада во Москва се сретнал со директорот на руската служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, кој го истакнал „влијанието на Вулин врз развојот на односите меѓу српските и руските служби“ додека тој беше министер за одбрана, министер за внатрешни работи и директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА).

Во Москва, тој се сретнал и со директорот на руската Федерална служба за безбедност, Александар Бортников, со кого, како што е соопштено, разговарал за натамошната соработка и „соочувањето со заедничките предизвици“.

Видете и ова: Вулин во посета на Москва: Србија нема да воведе санкции кон Русија

Вулин, кој е во официјална посета на Москва од 16 октомври, важи за еден од најсилните поддржувачи на Кремљ меѓу претставниците на Владата во Србија. Од почетокот на инвазијата на Украина, тој во неколку наврати оствари официјална посета на Русија.

Во септември, тој се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, на маргините на Источниот економски форум (ЕЕФ) во Владивосток, кога рече дека Србија не е само стратешки партнер, туку и сојузник на Русија.

Меѓу другото, Вулин на средината на јуни во Москва се сретна со врвот на најважните безбедносни служби на Русија, а во април со секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Николај Патрушев.

Во јануари оваа година тој беше одликуван од страна на Путин и Федералната безбедносна служба.

Видете и ова: Може ли Вучиќ да биде надигран во балансирањето?

Стејт департментот го стави Вулин на т.н. „црна листа“ во средината на 2023 година токму поради неговите врските со Русија и наводната корупција додека тој сè уште беше на чело на БИА.

Тој се повлече од функцијата во ноември 2023 година, откако се соочи со наводен притисок од Западот.

Вулин беше назначен за вицепремиер на Владата на Србија на почетокот на мај годинава.

Србија и Русија имаат историски блиски врски.

Србија е една од ретките земји во Европа која одбива да се приклучи на меѓународните санкции воведени против Кремљ по руската инвазија на Украина.