Русија го намалува бројот на странци иако и недостига работна сила

Мигранти работници во Русија.

Руската влада одобри мерка со која од 2025 речиси ќе се преполови квотата за дозволи за престој на странци. Ваквиот потег Москва го презема и покрај тоа што во последните десет години бројот на работници од странство падна на минимум што го влоши и така акутниот недостиг на работна сила.

Новата квота што ја постави Владата за следната година е 5.500 дозволи, во споредба со 10.600 во 2023 година.

Намалувањето на квотите за дозволи за престој, кои се распределуваат низ земјата врз основа на барања за нивно издавање, следува по влошувањето на расположението на руската јавност кон мигрантите. Околу 80 отсто од анкетираните Руси изразиле загриженост за големиот број мигранти, особено од Централна Азија и Кавказ.

Стотици илјади работници мигранти од тие области легално престојуваат во Русија со работни дозволи кои им овозможуваат да останат и да работат во земјата, но само на ограничен период. Со дозволите за престој, пак, се дозволува да останат во Русија со години.

Видете и ова: Маките на централноазијците по депортацијата од Русија

Многу Руси имаат негативен став кон мигрантите од Централна Азија по терористичкиот напад на забавниот центар „Крокус Сити“ во близина на Москва во март, во кој загинаа 140 лица.

Неколку мажи од Централна Азија, главно од Таџикистан, беа уапсени под сомнение за вмешаност во нападот. Оттогаш, агенциите за спроведување на законот ги засилија акциите насочени кон мигрантските заедници.

Претходно оваа недела, комесарот за човекови права на Таџикистан, Умед Бобозода, изрази загриженост поради малтретирањето на таџикистанските мигранти во Русија по терористичкиот напад, обвинувајќи ги руските органи за спроведување на законот за користење нелегални методи, вклучително и физичко малтретирање и неоправдани притворања.

Некои работници мигранти од Централна Азија беа принудени да им се придружат на руските вооружени сили вклучени во инвазијата на Украина.

Бројот на издадени дозволи за престој во Русија се намалува од 2021 година. Тогаш имаше 39.000 дозволи.

Видете и ова: За 6 месеци, 17 000 таџикистански работници депортирани од Русија

Според податоците на руското Министерство за внатрешни работи, до средината на оваа година биле искористени само 20 отсто од планираните квоти за 2024 година.

Инаку, одлуката за намалување на квотите објавена денеска доаѓа еден ден откако Долниот дом на рускиот парламент усвои Закон со кој се заострува процесот за добивање дозволи за престој.

Странците во брак со руски државјани сега ќе треба да чекаат три години по венчавката за да се пријават, што е значителна промена од претходното правило кое дозволуваше веднаш да се поднесе апликација.