Достапни линкови

Маките на централноазијците по депортацијата од Русија


Полицаец и странски државјани во центар за миграција во Русија, Новосибирск, 31 мај 2024
Полицаец и странски државјани во центар за миграција во Русија, Новосибирск, 31 мај 2024

Русија во првата половина од годинава депортирала околу 100 000 странци, 53 отсто повеќе отколку истиот период лани. На околу 143 000 им беше забранет влез, во кампањата насочена главно кон мигранти од Централна Азија. Дома, се борат да најдат работа и покрај владините ветувања за нови можности

Откако минатата година беше депортирана од Русија, Дилфуза Хајитова бара работа во родниот град Термез, во југоисточен Узбекистан. Но, во земјата тешко се наоѓа работа, што ја принудува самохраната мајка да преживее со слаб приход од рециклирање пластични шишиња и празни лименки.

Не можејќи да си дозволи кирија, Хајитова живее во куќата на нејзиниот повозрасен татко. Околу 2,50 долари дневно што ги заработува Хајитова едвај се доволни за „леб и други најосновни потреби“, вели таа.

„Се соочувам со постојан недостиг на пари и тоа ме гуши. Овде нема работа. Не би преживеала без помошта на татко ми“, вели Хајитова.

Дилфуза Хајитова додека собира празни лименки и пластични шишиња
Дилфуза Хајитова додека собира празни лименки и пластични шишиња

Хајитова е меѓу десетиците илјади работници од Централна Азија кои се борат да се справат со хроничниот недостиг на работни места во нивните матични земји, откако неодамна беа депортирани од Русија.

Москва неодамна објави дека има рекордно висок број на депортации и одбивање за влез во земјата во првите седум месеци од 2024 година во услови на очигледна антимигрантска акција која најмногу ги таргетираше граѓаните на Таџикистан, Узбекистан и Киргистан.

На повеќе од 143 000 луѓе им беше забранет влез во Русија од јануари до јули, што е значителен скок од 2023 година, објави руското Министерство за внатрешни работи. Речиси 93 000 луѓе беа депортирани од Русија, што е 53 отсто повеќе од истиот период минатата година.

Дополнително, бројот на одобренија за привремен и постојан престој издадени од јануари до јули е намален за 44, односно 18 отсто во однос на минатата година. Министерството соопшти дека на 1053 натурализирани граѓани им биле одземени руските пасоши во текот на овие седум месеци.

„Бројот на полициски рации насочени кон бизниси во сопственост на мигранти се зголеми за повеќе од 200 отсто“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Иако министерството не даде преглед на статистиката за секој месец, невидениот пораст на депортации и одбивања за влез започна по терористичкиот напад на 22 март во градското собрание Крокус во близина на Москва.

Русија тврди дека нападот за време на концерт, во кој загинаа 145 лица, го извршиле четворица државјани на Таџикистан. Тоа дополнително го поттикна долгогодишното антимигрантско расположение во Русија, која е „домаќин“ на милиони работници од Централна Азија.

Хајитова вели дека била приведена во полициска рација кон крајот на март 2023 година, само неколку дена по смртоносниот напад. Полицијата и кажала на мигрантката од Узбекистан дека е депортирана поради прекршување на условите на нејзината работна дозвола.

Хајитова, која заработуваше околу 25 долари дневно миејќи садови во московски ресторан, вели дека би се вратила во Русија ако може.

Рација на руската полиција на работници- мигранти во Казан, Татарстан, јули 2024 година
Рација на руската полиција на работници- мигранти во Казан, Татарстан, јули 2024 година

Узбекистан официјално тврди дека има релативно ниска стапка на невработеност од 6,8 проценти, но многумина веруваат дека тоа не ја одразува реалноста. Официјалните бројки за вработување вклучуваат сезонски и привремени работни места, особено во земјоделскиот сектор. И работниците се жалат на ниските плати.

„Каде се ветените работни места?“

Ситуацијата е уште полоша во соседен Таџикистан, каде повеќе од половина од сите домаќинства зависат од дознаките од мигрантите во Русија.

Мирмох Шамсова, жителка на главниот град Душанбе, не може да најде работа по враќањето во Русија, откако ја загуби работата по нападот во Крокус. Домаќинката станала работник мигрант пред четири години, откако нејзиниот сопруг починал од болест, а семејството останало со „големи долгови“.

Шамсова вели дека заработувала околу 30 долари дневно во просек, додека во Русија жонглирала со различни работни места: готвење и чистење во приватен дом и работа во фабрика за слатки.

Министерството за труд на Таџикистан објави дека само во првата половина од годината се отворени над 100 000 нови работни места.

„Каде се овие работни места за да можам да аплицирам и да добијам едно?Каде и да одиш, дури и да се вработиш како чистачка, ти бараат мито од 150 до 200 долари. Немам толку пари“, вели Шамсова.

Наводите за широко распространет поткуп и недостиг на работни места ги споделија многу Таџикистанци кои бараат работа. Шамсова вели дека чека да се „смири“ ситуацијата во Русија за да може да се врати. Но, нема знаци дека наскоро ќе има промена.

„Ја обвинувам нашата сопствена влада“

Руските власти продолжуваат со депортирање или забрана за влез на државјани од Централна Азија - мигранти, студенти и други, без оглед на валидноста на нивните пасоши и дозволи.

Некои од засегнатите тврдат дека биле вербално навредувани, па дури и тепани од руски офицери во притворните центри на аеродромите и граничните премини.

Таџикистанецот Мухамедџон Боев, кој студира на Земјоделскиот универзитет Мичурин во рускиот регион Тамбов, вели дека бил приведен на копнениот граничен премин Саратов додека се враќал од Таџикистан.

„Ми го одзедоа пасошот и студентската легитимација и ме однесоа во притвор. Таму ме држеа три дена, ме исмејуваа, вербално ме нападнаа и ме тепаа... За малку ќе ми ја скршеа раката“, вели Саратов во отворено писмо до рускиот амбасадор во Душанбе.

Боев тврди дека бил протеран од Русија без никаква валидна причина. Образовните власти во Душанбе рекоа дека најмалку пет други таџикистански студенти се соочиле со сличен третман во Русија оваа година.

На најмалку 100 узбекистански патници на летот Самарканд-Москва им беше забранет влез во Русија на аеродромот Шереметјево на 30 јули.

Тројца од патниците кои ги дадоа само своите имиња-Аслидин, Искандар и Сирој ги споделија видеата што ги снимиле за време на еден ден и половина, кога биле чувани на аеродромот и од нивниот лет за депортација дома.

Тие за Current Time изјавија дека аеродромските службеници им зеле отпечатоци од прсти и примероци од ДНК пред да објават дека не можат да се вратат во Русија 20 години.

„Не кажаа никаква причина зошто нè депортираат. Ние не направивме ништо незаконски“, велат тие.

Дваесет и тригодишниот Сирој изјави дека тој и многу други на летот позајмиле пари за да купат билети за Москва, надевајќи се дека ќе можат да ги вратат со парите што ќе ги заработат во Русија.

„Не знам што ќе правам. Во Узбекистан нема многу работни места. Можете да најдете работа за плата од околу 240 долари месечно, но овие пари не се доволни за живеење. Порано работев на фарма, но цените за жетвата паднаа оваа година, па решив да одам во Русија“, вели Сирој.

Руските власти велат дека бројот на работници од Централна Азија во Русија е околу 10,5 милиони, но други извори даваат помали бројки.

Во рускиот регион Оренбург, таџикистанската државјанка Нисо Шерматова не можеше да ја поднесе својата апликација за постојан престој. Работничката во пекара вели дека има право да аплицира бидејќи нејзиниот сопруг е руски државјанин и тој е „личност која го почитува законот“, кој работи и плаќа даноци.

Шерматова вели дека офицер за миграција во септември и кажал дека агенцијата има „инструкции засега да не прифаќа апликации од државјани на Таџикистан“.

„Не ми се допаѓа како Русија се однесува со нас, мигрантите, но понекогаш мислам дека Русија и другите странски земји не ни должат ништо“, рече Шерматова за РСЕ.

„Јас сум лута на нашата влада, владата на Таџикистан, која не се грижи за своите граѓани. Ако имавме нормален живот дома, немаше да бараме подобар живот во странство“, заклучува Шерматова.

XS
SM
MD
LG