Русија ги укинува визните ограничувања за Грузијците пред парламентарните избори

Грузија - Грузијци чекаат визи пред амбасадата на Русија во Тбилиси, 29 мај 2007

Русија во четвртокот ги укина визните ограничувања за Грузија, давајќи им на нејзините граѓани право да работат во Русија две недели пред парламентарните избори на кои владата која се повеќе е во судир со Западот ќе бара четврти мандат, јави агенцијата Ројтерс.

Овој потег уследи по коментарот на амбасадорот на Европската унија во Грузија минатиот месец, дека блокот ќе размисли за суспендирање на безвизниот режим со Грузија, кој е во сила од 2017 година, доколку гласањето не биде слободно и фер.

Уредбата објавена на интернет-страницата на Кремљ го укина правилото за ограничување на безвизните посети на Грузијците на Русија на 90 дена и ги отстрани ограничувањата што ги спречуваа да работат или да студираат во Русија без виза.

Видете и ова: Грузиската владејачка партија повторно се обидува да ја отповика прозападната претседателка


Двете земји сè уште немаат формални дипломатски односи по кратката војна меѓусебна војна во 2008 година и последователното признавање од страна на Русија на два отцепени грузиски региони како независни држави.

Владејачката партија „Грузиски сон“ ги обвини западните земји дека сакаат да ја вовлечат Грузија во конфликт со Русија.

ЕУ ѝ додели на Грузија кандидатски статус во декември, но потоа соопшти дека го замрзнала процесот за членство откако „Грузиски сон“ го усвои законот за странски агенти, за кој критичарите велат дека е авторитарен и инспириран од Русија.

Руските власти постојано сигнализираа дека сакаат „Грузиски сон“ да остане на власт.

Сергеј Наришкин, шеф на руската служба за надворешно разузнавање, минатата недела изјави дека Москва сака да види „здрави, национално ориентирани сили“ да ја задржат власта во Грузија и ги обвини Соединетите Американски Држави за мешање во изборите.