Министерот за јавна администрација Горан Минчев одговорајќи на новинарско прашање во врска со укинувањето на „балансерот“ од страна на Уставниот суд, порача дека Министерството не навлегува во содржината на одлуките, туку истите ги спроведува и применува. Тој потенцира дека владината коалиција има политички капацитет да почне со дијалог за да се најде соодветно решение кое би било солгасно уставот, но е на ставот дека не треба да се брза, туку да се отвори широка и јавна дебата.
„Министерството за јавна администрација не ја коментира одлуката на Уставниот суд, исто како и во првиот случај кога беше донесена времена мерка за стопирање на примената на одредени одредби од два закони кои се однесуваат на јавниот сектор и на административните службеници. Така и сега, Министерството не навлегува во содржината на одлуките, туку истите ги спроведува и применува. Првиот пат дадовме конкретни инструкции и насоки или пак упатство до сите државни институции, сега сепак би почекал да излезе комплетната содржина за оваа одлука од страна на Уставниот суд во службен весник и притоа би пристапиле кон реализација на истата“, рече Минчев на денешната прес-конференција.
Според него, правичната застапеност на ентичките заедници е многу важна уставна категорија. Но, останува на ставот дека не треба да се брза со содржината на евентуално ново решение.
„Мислам дека е подобро да се отвори широка и јавна дебата, во која што би се вклучиле сите заинтересирани страни, тука мислам на делот од владината коалиција, но исто така добра можност е да се повика и експертската и академската заедница со цел да се најде соодветно решение кое што ќе биде долгорочно, ќе биде солидно, ќе биде содржајно, и нема повторно да не доведе во ситуација на евентуална ваква одлука од страна на Уставниот суд“, додаде Минчев.
Видете и ова: ДУИ пред Уставниот суд: Укинувањето на балансерот е „тежок удар врз мултиетничката стабилност“Коментирајќи ја синоќешната прес-конференција на ДУИ, посочи дека оваа политичка партија треба да се занимава со реформи, но реформите да не ги насочува кон јавната администрација, туку кон себе.
„Би ја поздравил идејата на ДУИ да се занимаваат со реформи, но би им препорачал тие реформи да не ги насочат кон реформите во јавната администрација, туку кон себе. Да ја реформираат својата партија, затоа што единствените реформи кои што ги направија во минатиот мандат, се реформите на зголемување на контото на своите приватни сметки и реформите кои што се зголемување на стапката на криминалот. Треба да сфатат дека се опозиција“, рече Минчев.
Видете и ова: Балансерот укинат, доаѓа нов Закон за правична застапеностПрашан за коментар на изјавата на Халид Снопче од „Вреди“ дека веќе имаат подготвено драфт верзија на новиот Закон за етничка припадност која ќе ја поднесат во Собранието, Минчев рече дека не сака да коментира содржина која не ја видел. Но, повтори дека не сака избрзани решенија.
Уставниот суд вчера на седница донесе одлука за укинување на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски образложи дека одлуката на судот е донесена со мнозинство гласови и нема да важи ретроактивно. Манипулација, ги нарече, тврдењата дека Уставниот суд укинал права на заедниците.