Во руски напад врз индустриска фабрика во вториот по големина град во Украина, Харкив, загинаа најмалку две лица, а повеќе од 30 се повредени, објавија локалните власти на 8 октомври, додека новиот шеф на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Украина може да се соочи со најтешката зима од почетокот на инвазијата што ја започна Москва во февруари 2022 година.
„НАТО мора и ќе направи повеќе за да и помогне на Украина“, рече Марк Руте на заедничка прес-конференцијата во Брисел на 8 октомври со финскиот претседател Александар Стуб, шефот на најновата членка на Алијансата.
„Колку повеќе воена поддршка даваме, толку побрзо ќе заврши оваа војна“, додаде Руте.
Видете и ова: Првиот ден на Марк Руте на чело на НАТОНовиот генерален секретар на НАТО рече дека ќе изврши притисок за дополнителна воена помош за Киев на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина што треба да се одржи на 12 октомври во Рамштајн, Германија.
Руте, кој е поранешен премиер на Холандија, на 1 октомври го замени Норвежанецот Јенс Столтенберг на функцијата генерален секретар на Алијансата. Украина не е членка на НАТО, но повеќето членки на организацијата го поддржаа Киев во неговата борба против руската агресија.
Во меѓувреме, претседателот Володимир Зеленски рече дека украинските сили го одржуваат притисокот врз руските војници во руската област Курск, местото каде извршија ненадеен упат во август годинава.
Украинските сили, наводно, зазеле околу 1.300 квадратни километри руска територија во областа Курск. Иако темпото на упадот е забавено, Зеленски вели дека тоа „во голема мера му помогнало“ на Киев да ги обезбеди најновите воени пакети помош од Запад.
„Борбите во регионот Курск траат веќе трет месец, а ние го одржуваме потребниот притисок врз Русија во овој сектор“, рече Зеленски во своето вечерно видеообраќање.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Москва на 8 октомври продолжи со немилосрдните напади врз украинската инфраструктура и цивилните цели.
Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, на својот канал на Телеграм објави дека продолжуваат со потрага по лица кои можеби останале под урнатините предизвикани од најновиот напад.
Руските воени блогери рекоа дека нападот бил извршен со ракета Искандер, додека украинските власти велат оти градот бил цел на неколку напади.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија употребила два ракети Искандер и 19 беспилотни летала во напад на јужниот регион Одеса, но нивните системи за противвоздушна одбрана во утринските часови на 8 октомври успеале да соборат 18 дронови.
Во јужниот регион Херсон, пак, едно лице загина во напад на градот Антонивка, информираше регионалниот гувернер Олександр Прокудин на 8 октомври.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните системи за противвоздушна одбрана одбиле напад на украински беспилотни летала утрината на 8 октомври, соборувајќи 16 беспилотни летала.
Четиринаесет од дроновите биле соборени над територијата на Белгородската област која се граничи со Украина, а два други биле уништени во близина на рускиот брег на Црното Море, соопшти Министерството во објава на Телеграм.
Меѓутоа, гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, на Телеграм соопшти дека Украина нападнала девет области во неговиот регион со 45 дронови, при што ранила две лица.
Видете и ова: Руте во посета на Киев, откако Романија го испорача системот „Патриот“На 7 октомври, украински беспилотни летала, наводно, погодиле складиште за гориво во Феодосија, најголемиот таков објект во окупираниот Крим, при што предизвикале огромен пожар.
Шефот на администрацијата на Феодосија, поставена од Москва, Игор Ткаченко, посочи дека на 8 октомври огнот сè уште гори, а на фотографии на социјалните мрежи се гледаат густи облаци од црн чад што се издигаат во воздухот.
Ткаченко рече дека вкупно 1.047 цивили биле евакуирани од Феодосија поради пожарот.