Нови напади врз Либан, Израел тврди дека убил командант на Хезболах

илустрација

Либанската Национална новинска агенција објави дека израелските воздушни напади започнале рано во вторник (8 октомври) во Бејрут и низ источен и јужен Либан, додека Израел тврди дека убил висок командант на Хезболах во Бејрут.

Најмалку уште десет напади беа пријавени во Бејрут во текот на ноќта, а Израел соопшти дека цел на 70 локации на Хезболах во јужен Либан во понеделникот.

Израелската војска соопшти дека го убила Сухаил Хусеин Хусеини, командант на штабот на Хезболах, милитантна организација поддржана од Иран, во напад на Бејрут во понеделникот.

Се вели дека Хусеини е одговорен за трансферот на оружје од Иран и дистрибуцијата на оружје до различни единици на Хезболах.

Хусеини, исто така, бил „вклучен во буџетот и логистичкото управување на најчувствителните проекти на организацијата, вклучувајќи го и оперативниот план за војната“, се додава.

Видете и ова: Нападот на Хамас врз Израел ја ослабна, но не ја уништи иранската „Оска на отпор“

Соединетите Држави го прогласија Хезболах за терористичка организација, додека Европската Унија на црната листа го стави само неговото вооружено крило, а не и политичката партија која има места во либанскиот парламент. Хезболах го поддржува Хамас, палестинската милитантна организација, од почетокот на војната во Појасот Газа.

Хезболах допрва треба да ги коментира тврдењата дека Израел го убил нивниот командант.

Во понеделникот, Израел ја одбележа првата годишнина од нападот на Хамас врз еврејската држава во кој беа убиени повеќе од 1200 луѓе, а околу 250 луѓе беа земени како заложници.

Во Ерусалим, пред резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, се собраа членовите на семејството и роднините на околу 100 заложници кои сè уште ги држи Хамас, од кои многу се претпоставува дека се мртви. Тие протестираа молчејќи затоа што владата на оваа земја се уште не успеала да ги ослободи заложниците од заробеништво.

По нападот на 7 октомври, Израел започна воена офанзива против Појасот Газа во која загинаа речиси 42 000 Палестинци, соопшти Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.