Јаневска: Ќе има договор за платите на наставниците

Весна Јаневска, министерка за образование

Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека ќе има поголем буџет за образование и наука во 2025-та, а најави и дека наскоро ќе биде постигнат договор со СОНК и покачување на платите на наставниците годинава.

„Сè уште сме во фаза на преговори. Очекувам за релативно време дека ќе постигнеме договор и тој ќе биде сериозен и повеќегодишен. Се уште разговараме за можностите во буџетот, но она што СОНК го бара мислам дека ќе можеме да го реализираме со тек на време. Очекувам дека и годинава ќе има покачување на платите на наставниците за разлика од пред неколку месеци кога можностите речиси беа исцрпени, сега веќе се појавуваат реално можности за покачување на платите на наставниците“, рече Јаневска.

На прес-конференција за сто дена од работењето на Владата, Јаневска рече дека МОН дискутира со Министерството за финансии за поголем буџет за идната година за кога, рече, е предвидено зголемување и на средствата за наука, пред сè за научните институции.

Видете и ова: Наставниците во неизвесност за зголемување на платите, но не штрајкуваат

По најавата дека учебници по странски јазици ќе има за сите ученици, но од следната учебна година, министерката извести дека најдоцна на почетокот на следната година ќе го распише тендерот за нивна набавка.

„Набавката на учебници по странски јазици, најверојатно, ќе биде распишана најдоцна во јануари. Тоа значи дека за следната учебна година ќе ги има и учебниците по сите странски јазици“, рече министерката Јаневска.

Учебници по странски јазици во основните училишта нема петта учебна година по ред.

Видете и ова: МОН потроши 3 милиони евра за дополнителни учебници, а родители се жалат на парталави

Меѓудругото, Јаневска соопшти дека МОН прави анализи како да продолжи градењето на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во близина на Ректоратот на УКИМ и дека до крајот на мандатот „ако не целосно, градбата секако ќе продолжи на двете згради“.

Видете и ова: ФИНКИ ќе добие зграда, но прво да се види што е украдено и уништено

Објектите и на факултетите за информатички технологии и за физичка култура ФИНКИ и на ФФК уште чекаат да заврши ревизијата за да се знае колку ќе чини доизградбата. Тендер за завршување на зградите се најавува в година. Но тендер ќе има за нов кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, за кој во следните пет години ќе се одвојат 34,5 милиони евра.