Достапни линкови

ФИНКИ ќе добие зграда, но прво да се види што е украдено и уништено


Објектите беа започнати пред речиси една деценија.
Објектите беа започнати пред речиси една деценија.

Објектите и на факултетите за информатички технологии и за физичка култура ФИНКИ и на ФФК уште ќе чекаат да заврши ревизијата за да се знае колку ќе чини доизградбата. Тендер за завршување на зградите се најавува в година. Но тендер ќе има за нов кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, за кој во следните пет години ќе се одвојат 34,5 милиони евра.

Трчање да се стигне од едно предавање во една зграда на второ во друга зграда, брзање да се биде меѓу првите за да се фати место за вежби бидејќи нема доволно голема училница, полагање попладне, а во зима и откако ќе падне мрак.

Оваа судбина ќе ја делат и новите студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој и годинава е еден од најпосакуваните меѓу идните бруцоши. Со години, факултетот, кој е дел од државниот Универзитет „Кирил и Методиј“ (УКИМ), нема свој дом и користи простории на три други факултети во кампусот на техничките факултети во скопската општина Карпош.

Обидите да добие свој објект траат уште од 2015 година, кога започна да се гради нова зграда во склоп на кампусот со општествени факултети при УКИМ, но по недели четири години таа беше стопирана откако изведувачот „Бетон“ од Штип отиде во стечај. Ветувања се слушаат со години, но на терен останува да зјае само карабината. Започната да се гради веднаш до него, истата судбина ја дели и објектот каде треба да се смести Факултетот за физичка култура (ФФК).

А, ветувања во пресрет на новата академска година добија и професорите и студентите и од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. За нив, Владата на 3 септември донесе одлука за инвестиција од 34,5 милиони евра со кои ќе се изгради нов кампус, соопшти тогаш првиот вицепремиер Изет Меџити. Предлогот, како што појасни, дошол од заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу.

Зошто Министерството за образование и наука (МОН) решило да бара пари за кампусот на „Мајка Тереза“, но не и за зградите на ФИНКИ и ФФК?

Разликата, според објаснувањето од МОН, е во тоа што за кампусот на универзитетот веќе има готов проект и прецизни финансиски проекции, додека за зградите на двата факултети не се знае колку пари ќе треба да се потрошат. Тие, како што велат, во меѓувреме се оштетиле, а биле и мета на крадци, па треба да се направи проценка што недостасува.

„Поради негрижа на претходното раководство на Владата, објектите на ФИНКИ и ФФК се оштетени од временските услови, а извршени се и повеќе кражби на дел од тоа што е изградено. Зошто во изминатите седум години не е посветено внимание и не се обезбедени средства за завршување на објектите, потребно е да ги прашате претходните раководства. Новото раководство ќе направи ревизија на реализираните активности, која е во тек и по завршување ќе се утврди износот кој ќе се вложи за завршување на изградбата“, велат од МОН за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Тендерска постапка, додаваат, ќе се започне следната година.

„На предавање сме седеле и на земја“

На Факултетот за физичка култура за претстојната академска година има 300 слободни места (160 редовни и 140 вонредни), а според конечните резултати објавени во петокот (6 септември) во првиот уписен рок се пополниле 138. На ФИНКИ, пак, има 1.020 слободни места (сите редовни) за студенти во прва година, а на првиот конкурс се пополниле 732, што го прави еден од најпопуларните меѓу бруцошите.

Тоа не го изненади раководство и професорите, кои изминатиот период гласно бараа да добијат свои простории.

„Најголем интерес има за насоката Примена на информациски технологии. Може да се каже дека тука има и двојно поголем интерес отколку што имаме места. Но и сите други насоки се речиси полни. Бројките се во рамките на очекувањата“, изјави деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, за РСЕ по завршувањето на првиот уписен рок.

Тој беше во првите редови и на протестот кој во март го организираа со студентите барајќи свои простории.

„ФИНКИ нема зграда, трчаме до Влада“, извикуваа тие и во април кога организираа протестен маратон со истите барања. За проблемите сведочеа и тогаш и денес.

Предавалните што ги користиме, вели студентката Александра К., се за околу 100 луѓе, а ние во група сме и до 150, па не само што седиме збиено туку пред колоквиум и испит кога е актуелно одењето на консултации, се случувало да седиме и на земја.

„Мене искрено ми се има случувано да не отидам на едно предавање, за да отидам на друго предавање порано за да фатам место за мене и друг колега за да може да седиме на маса и да има каде да ги оставиме работите, но и да бидеме барем во првата половина од предавалната затоа што назад во метежот не може да се одржи концентрација два саати“, вели студентката Александра за РСЕ.

Овој факултет лани беше рекордер според бројот на запишани студенти. Во академската 2023/2024 имало 4.722 студенти.

Инфографика - Запишани студенти на УКИМ во академската 2023/2024 година
Инфографика - Запишани студенти на УКИМ во академската 2023/2024 година

Парите за „Мајка Тереза“ ќе се обезбедуваат следните пет години

На државниот Универзитет „Мајка Тереза“, во рамки на кој функционираат осум факултети, вкупно има околу 5.000 студенти, според податоците што ги изнесе првиот вицепремиер Изет Меџити.

Кампусот што ќе се гради за овој универзитет треба да има амфитеатар, предавални, канцеларии, спортска сала, базен, менза… А, за тоа да биде завршено, студентите ќе почекаат најмалку пет години.

„Универзитетот ’Мајка Тереза‘ има подготвен проект со прецизни проекции за изградба на универзитетски кампус. Износот кој е обезбеден е всушност повеќегодишен буџет. 34 милиони евра ќе се обезбедат во следните пет години“, велат од МОН за РСЕ.

За Меџити овој проект „не е само обична градба, туку симбол на нашата визија за светла иднина за младите и за нашата земја“.

„Со децении генерациите сонувале за ваков образовен центар кој ќе го збогати не само знаењето туку и душата на целата нација. Денеска тој сон се остварува“, рече Меџити на 3 септември.

Проектот за универзитетскиот кампус е доставен до Министерството за транспорт и се очекува да добие дозвола за градба и да се започне тендерската постапка. Откако таа ќе заврши, ќе се стави и камен темелник.

Од минатата академска година, универзитетот се смести во поранешната касарна „Илинден“, каде минатата власт реши да му отстапи објекти со површина од 3.300 квадратни метри. Универзитетот беше основан во 2016 година.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG