Македонски и српски владини претставници денеска (7 октомври) во Скопје потпишаа меморандум за соработка во делот на енергетиката, рударството и минералните суровини. Како што појасни премиерот Христијан Мицкоски, на заедничката прес конференција со неговиот српски колега, Милош Вучевиќ, дел од приоритетите на двете влади во престојниот период ќе бидат изградба на гасен интерконектор од Грција преку Македонија до Србија и централна Европа, како и реализација на Коридорот 10, односно брза пруга од Скопје кон Србија и кон Грција.
Премиерот Мицкоски објасни дека целта на двете држави е сериозно енергетско поврзување и осамостојување.
„Ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа“, нагласи Мицкоски на прес конференција по средбата со неговиот српски колега.
Видете и ова: Интерконекторот за спојување со гасоводот во Грција заглави во тендеротСрпскиот премиер Вучевиќ истакна за Србија е клучна изградбата на интерконекторот и нов пат за снабдување со природен гас за Србија, преку Северна Македонија.
„Ќе разговараме и за изградбата на нафтоводот, фактот е дека нашите две земји трошат многу струја и треба да се стремиме кон декарбонизација без да ја загрозиме енергетската стабилност, не само за нашите две земји туку и за регионот. На овој начин ќе им обезбедиме стабилност и на стопанствата и на домаќинствата на двете држави“, изјави Вучевиќ.
Двајцата премиери разговарале и за брзата пруга од Коридорот 10, која претставува стратешки приоритет како и Коридорот 8.
„За нас е важна одлуката на македонската Влада за Коридорот 10, како стратешки правец за железничкиот транспорт, што е единствена прилика заедно со европските партнери да се поврземе од Виена до Атина, полесно ќе се поврземе со грчките пристаништа. Ова е природен пат меѓу Азија до Европа, а патот ќе оди преку Македонија и Србија, што ќе обезбеди подобар карго и патнички транспорт“, рече српскиот премиер Вучевиќ.
Македонскиот премиер додаде дека било разговарано и за предизвиците со кои се соочува регионот и посочиле дека е неопходно „во овие турбулентни времиња, да бидеме заедно и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион“. Вучевиќ истакна дека Србија целосно ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот европски пат и „верува во заедничката европска судбина за целиот регион“.