Украина го одбележува „Денот на бранителите“ во услови на нови руски напади

илустрација

Украина на 1 октомври го прославува Денот на бранителите во услови на нов бран напади со руски беспилотни летала и сè потешка ситуација на бојното поле на исток, каде што руската офанзива постепено напредува.

Во 9 часот по локално време низ целата земја се одржа едноминутно молчење во спомен на сите Украинци кои ги дадоа своите животи бранејќи ја независноста на својата земја.

Во порака на Телеграм, главниот воен командант на Украина, генералот Олександр Сирски, им честиташе на украинските војници, кои ги нарече „нескротливи воини“, кои ги презедоа напаѓачките руски сили и во изминатите 2 и пол години „се бореа со таканаречената „втора армија на светот“ и ја запреа“ во својата намера.

Министерот за одбрана Рустем Умеров, исто така, издаде изјава во која се заблагодарува на секој украински војник за нивното единство, храброст и издржливост.

„Знаеме за што се бориме: за нашиот дом, за нашите роднини кои сонуваат за мирно небо. За градовите и селата кои чекаат ослободување. За идните генерации кои ќе живеат на својата земја без страв. И за споменот на оние кои низ вековите ги дадоа своите животи за слободата на синовите и ќерките на Украина, кои ги жртвуваа своите животи за нашата држава“, рече Умеров во своето обраќање.

Видете и ова: Украинските дронови навлегуваат подлабоко во Русија

Први октомври беше прогласен за Ден на бранителите во 2014 година, неколку месеци откако Русија незаконски го окупираше украинскиот полуостров Крим и делови од источните региони Доњецк и Луганск.

Инаку „пригушените“ прослави се случија во време на обновени руски напади со беспилотни летала.

„Воздушната одбрана собори 29 од 32 беспилотни летала лансирани од руската војска во седум украински региони рано на 1 октомври“, соопштија од украинското воздухопловство на Телеграм.

Беспилотните летала беа соборени во регионите на Черкаси, Кировохрад, Миколајев, Херсон, Полтава, Суми и Дњепропетровск, соопштија од военото воздухопловство, додавајќи дека три други беспилотни летала „го изгубиле патот“ и не предизвикале било каква штета.

Видете и ова: Зеленски: Ситуацијата на фронтот е „предизвикувачка“

Последниот напад се случи еден ден откако украинската противвоздушна одбрана беше принудена да уништи повеќе бранови руски беспилотни летала насочени кон главниот град Киев.

На 30 септември, украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш ја призна како што рече, „многу тешката“ ситуација со која се соочува неговата војска на исток, каде што руските сили со месеци се обидуваат да го заземат логистичкиот центар Покровск во регионот на Доњецк.