Рускиот опозициски политичар и отворен критичар на Кремљ, Алексеј Навални, кој почина во затвор во февруари, можеби бил отруен, соопшти истражувачката новинарска група Инсајдер, повикувајќи се на официјални документи кои се чини дека се едитирани за да се усогласат со тврдењата на државата дека тој починал од срцеви проблеми.
Според извештајот на Инсајдер, објавен на 29 септември, истражувачките новинари добиле две варијанти на официјални документи за одлуката да не се започне истрага за смртта на Навални во февруари во оддалечениот затвор Полар Волф во арктичката област Јамало-Ненец. Тој таму отслужуваше долга затворска казна поради, како што твдееа и Навални и неговите поддржувачи, политички мотивирани обвиненија.
Двата документи се издадени на 26 јули 2024 година, а текстот во едниот, наведува Инсајдер, се чини дека е изменет и е во согласност со официјалното објаснување за смртта на Навални.
Видете и ова: Вдовицата на Навални го опиша како „патетичен“ документот каде се опишува смртта на опозицискиот лидерВдовицата на Навални, Јулија Навалнаја, изјави дека нејзиниот сопруг „во последните минути од животот се пожалил дека има остра болка во стомакот“, додека соработниците на Навални рекле дека тој бил убиен во затвор најверојатно по наредба на Кремљ, што Кремљ остро го демантираше.
Во еден од документите, кој најверојатно според Инсајдер бил првично издаден, се вели дека на 16 февруари Навални „почнал да се жали на остри болки во пределот на стомакот, почнале импулсивни реакции во стомакот, почнал да има конвулзии и изгубена свест“.
Вториот, веројатно изменет документ, не ги наведува симптомите опишани во почетниот документ.
Во официјалниот извештај од обдукцијата на Навални се вели дека хипертензијата и другите болести предизвикале нарушување на отчукувањата на срцето што довело до смрт.
„Официјалната причина за смртта – нарушување на срцевиот ритам, нема да ги објасни симптомите што ги гледаме во (првиот) извештај: остра абдоминална болка, повраќање и конвулзии. Малку е веројатно дека таквите симптоми може да се објаснат со нешто друго освен со труење“, смета специјалистот за реанимација Александар Полупан, кој го лекувал Навални во болницата во Омск, откако беше отруен со нервен агенс во сличен на Новичок во 2020 година.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Краткиот временски интервал помеѓу абдоминалната болка и конвулзиите сугерира дека тоа можело да биде, на пример, органофосфорна супстанција (класа на супстанции на кои припаѓа Новичок), но само доколку се применува внатрешно, а не локално“, додава Полупан со што се согласиле и други лекари од различни медицински специјалности кои ги интервјуирал Инсајдер.
Во 2020 година, Навални беше отруен со нервен агенс како Новичок, но преживеа откако со хеликоптер беше пренесен во Германија каде го продолжи лекувањето.
Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека тогаш наредил негово труење, но Кремљ го негираше тоа.
Инсајдер не прецизираше како и од кого неговите новинари ги добиле документите.
Руските власти се очекува допрва да го коментираат ова истражување.
По смртта на Навални, властите одбиваа да и го предадат телото на неговата мајка повеќе од една недела, што предизвика обвинувања од неговите поддржувачи дека официјалните лица се обидуваат да скријат докази за неговото убиство.
Видете и ова: Што следува по Путин – мислења на експертиКонтроверзите продолжија кога поранешниот соработник на Навални, Иван Жданов, на 3 септември изјави дека одбивањето на обвинителството во автономниот округ Јамало-Ненец да започне истрага за смртта на Навални е незаконско.
Властите на оваа областа во моментот на смртта рекоа дека била покрената истрага, иако никогаш немаше извештај и не беа објавени наоди.
Инсајдер наведува дека и „други факти“ одат во прилог на тоа дека била употребена токсична супстанција за смртта на Навални.
„Властите не го предаваа телото долго време и не дозволуваа алтернативно испитување на биоматеријалите. Сепак, дури сега е документиран фактот за труење“, наведува Инсајдер.