Во тешка состојба, со речиси откажан бубрег е префрлен на клиниката за нефрологија обвинетиот велешанец Боре Видески во случајот за двојното убиство на 14 годишаната Вања Ѓорчевска од Скопје и пензионерот од Велес, 74 годишниот Панче Жежовски. Ова за Радио Слободна Европа го потврди и неговиот адвокат Бојан Манев, кој вели дека во неконтактибилна состојба неговиот клиент вчера утрото бил транспортиран од притвор на клиниката. Тој во минатото има трансплантиран бубрег, и веќе подолго време се жалел на болки.
„Првично бил однесен во Градската болница „8 Септември“, по што го транспортирале на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“. Веднаш му е извршена дијализа, но според моите информации се уште е во лоша здравствена состојба. Претпоставките се дека ќе треба подолго време да заздрави, што би можело да трае и повеќе од еден месец. Не знам што да ви кажам, бубрегот како да му е пред распаѓање, сепак дијагнозата треба да ја постават лекарите“, вели адвокатот Манев за РСЕ.
Видевски е еден од петтемина обвинети за грабнување и убиство во судскиот процес кој започна пред десет денови. Сите се изјаснија дека не се виновни. Видевски се наоѓа во притвор од почетокот на декември лани кога беше уапсен како осомничен за делата. И претходно во неколку наврати е носен на интервенција на клиника.
„Точно, можам да потврдам дека тој во моментов е хоспитализиран на нашата клиника, заради влошување на бубрежната функција. Претходно пациентот е со трансплантиран бубрег“, вели Никола Ѓорѓиевски, директор на Универзитетската клиника за нефрологија.
Видете и ова: Оспорен мотивот за двојното убиство на Вања и Панче, сите обвинети негираат винаСпоред обвинението на 22 ноември 2023 година, петтемина обвинети заеднички извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, Љупчо Палески Палчо му пукал во глава, по што го заплениле возилото „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања беше грабната на 27 ноември, од влезот на нејзината зграда кога утрото се упатила кон училиште. Сторителите според обвинителството ја ставиле во вреќа за спиење па во багажот на „Цитроенот“ и во близина на Скопје исто така Палчо и пукал во главата додека на пиштолот ставил перниче за да не предизвика внимание. Улогата на Видевски според обвинителстовто била да помага во онеспособувањето и транспортот на жртвите. Двајцата беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Од Кривичниот суд во Скопје велат дека се известени за здравствената состојба на обвинетиот и чекаат дополнителни информации за текот на лекувањето. За сега следното рочиште не е отповикано.
Судењето треба да продолжи на 7-ми октомври, а мајката, бабата и детото на Вања треба да се појават како сведоци.