Израелската војска објави дека на 27 септември го нападнала штабот на либанската милитантна група Хезболах во јужното предградие на Бејрут, а израелската телевизија извести дека водачот Хасан Насралах бил цел на нападот.
„ИДФ(војската) изврши прецизен напад врз централниот штаб на терористичката организација Хезболах“, рече портпаролот на армијата, Даниел Хагари во телевизиска изјава.
Хезболах е милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. Соединетите Американски Држави(САД) ја прогласија за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија.
Политичката партија на Хезболах има места во либанскиот парламент.
Штабот, рече Хагари, „служел како епицентар на теророт на Хезболах“ и „се наоѓа под станбени згради во Бејрут“.
Висок израелски функционер изјави за Ројтерс дека „е премногу рано“ да се каже дали Насралах бил погоден во нападот.
Обединетите нации(ОН) соопштија дека се вознемирени од израелските напади врз „густо населената“ област во јужните предградија на либанската престолнина Бејрут.
„ОН со голема тревога ги следат нападите на Бејрут“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
Портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, рече дека САД претходно не биле запознати со овој израелски напад.
„САД не беа вклучени во оваа операција и немавме претходно предупредување“, рече Синг.
Привремениот премиер на Либан, Наџиб Микати, рече дека израелските напади врз јужните предградија на Бејрут покажуваат дека Израел „не се грижи“ за напорите да се постигне прекин на огнот.
Нападот врз седиштето на Хезболах следуваше набргу откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе продолжи да ја напаѓа милитантната група во Либан.
„Ќе продолжиме да го деградираме Хезболах додека не се исполнат сите наши цели“, им рече тој на светските лидери во ОН.
Нетанјаху, исто така, го обвини Иран за насилството на Блискиот Исток.
„Имам порака до тираните во Техеран: Ако не удрите нас, ние ќе ве удриме вас. Нема место во Иран до кое долгата рака на Израел не може да допре, а тоа важи за целиот Блиски Исток“, рече Нетанјаху во Генералното собрание на ОН.
Речиси 700 луѓе беа убиени во Либан оваа недела во израелски напади, според либанското Министерство за здравство.
САД, Франција и другите сојузници на 25 септември објавија повик за 21-дневен прекин на откако претседателот на САД, Џо Бајден и неговиот француски колега Емануел Макрон се сретнаа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Израел ќе продолжи да разговара за предлозите за прекин на огнот во Либан во наредните денови, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 27 септември.
Нападите од двете страни на либанско-израелската граница се интензивираа по нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година од страна на палестинската група Хамас.
Хамас е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.
Групата Хезболах објави дека нападите врз Израел ќе продолжат се додека не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа.