Претседателката на Молдавија, Маја Санду, го разреши началникот на војската на Молдавија додека земјата се подготвува да одржи клучни претседателски избори и референдум за пристапување во Европската унија (ЕУ).
Потегот следуваше една недела откако Министерството за одбрана на Молдавија предложи бригадниот генерал Едвард Охладчиуц да биде разрешен од функцијата началник на Генералштабот на националната армија и командант на војската на Молдавија поради истекување на неговиот договор за воена служба.
Тој беше назначен на функцијата во ноември 2021 година.
Кога го контактираше Радио Слободна Европа(РСЕ), молдавското Министерство за одбрана одби да каже кој ќе го замени Оладчиуч и кога неговата замена ќе ја преземе функцијата.
Поранешниот министер за одбрана, Анатол Салару, за РСЕ изјави дека за важни кадровски отпуштања обично се разговара претходно со политичкото раководство во земјата.
Салару додаде дека името на лицето кое ќе ја преземе испразнетата позиција обично се знае однапред, бидејќи војската „не може долго да остане без раководство“.
Молдавскиот политички аналитичар Андреј Курарару за РСЕ изјави дека повторното назначување или разрешување на началникот на армијата зависи не само од неговите перформанси, туку и од „политичките размислувања“ на претседателот.
Санду, која се соочува со клучен тест за нејзиниот реизбор на изборите на 20 октомври, предложи референдумот за ЕУ да се одржи истовремено со претседателските избори.
Нејзината администрација се впушти во обид да го ограничи сè уште моќното влијание на Москва во Молдавија пред изборите.
Аналитичарот Курарару за РСЕ изјави дека Министерството за одбрана во моментов е во процес на отстранување на „потенцијалните разузнавачки извори кои работат за Русија“ и се бара нов армиски началник кој би можел да управува со овој процес побрзо и поефикасно.
По почетокот на руската неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари 20222, владата на Санду цврсто застана на страната на Европската унија, осудувајќи ја агресивната војна на Москва и прими десетици илјади бегалци од соседна Украина.