ЕУ на годишнината од нападот во Бањска: Сите одговорни мора да одговараат

илустрација

Европската Унија очекува властите во Србија навремено да ги преземат сите неопходни чекори со цел да се обезбеди целосна одговорност на сите лица одговорни за нападот на 24 септември 2023 година во Бањска на северот на Косово.

Ова го изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано за Радио Слободна Европа по повод првата годишнина од овој напад.

Пред точно една година, во селото Бањска кај Звечан, вооружена група предводена од поранешниот српски политичар и бизнисмен од Косово Милан Радоичиќ, ја нападна косовската полиција.

„Европската Унија постојано изразува очекување дека Србија треба целосно да соработува и да ги преземе сите неопходни мерки за да ги уапси и брзо да ги изведе пред лицето на правдата сторителите на насилните дејствија од страна на демонстрантите на косовските Срби против граѓаните, војниците на КФОР (Мисија на НАТО во Косово), органите за спроведување на законот и медиумите на 29 мај 2023 година и насилниот напад на 24 септември 2023 година на северот на Косово“, посочува Стано во писмената реакција.

Видете и ова: САД за обвинението за Бањска: Почитувајте го судскиот процес

Тој го повтори повикот на Брисел дека е неопходно Србија целосно да соработува со Косово во сите претстојни судски постапки „за оние случаи кога наводните сторители се на Косово“.

ЕУ претходно го поздрави обвинението за нападот во Бањска.

И лидерите на Косово, претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, во вторник (24 септември) ја одбележаа годишнината од вооружениот напад врз косовската полиција во Бањска на северот на земјата и ја пофалија „жртвата на полицаецот Африм Буњаку за заштита на суверенитет на земјата“.

„Пред точно една година, наредникот Африм Буњаку стана жртва, за да докажеме уште еднаш, како што тоа го правевме низ вековите, дека оваа земја е нашиот вечен дом“, напиша Вјоса Османи на Фејсбук.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Една година по нападот во Бањска, Косово, сè уште отворени прашања

Косовскиот премиер Курти, откако му оддаде почит на гробот на Буњаку, рече дека „Србија мора да сноси одговорност“ и дека Косово бара меѓународната заедница да ја смета за одговорна за нападот во Бањска.

Курти оцени дека настаните во Бањска од 24 септември минатата година претставуваат „план за напад на Косово“ зад кој, според неговите зборови, стојат паравоени, терористички формации финансирани и раководени од Србија.

Во нападот во Бањска вооружена група Срби ја нападна полицијата и го уби полицаецот Африм Буњаку. Во размената на оган загинаа и тројца српски напаѓачи. Владата во Приштина овој напад го означи како терористички.

Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ. Тој е под истрага и во Белград и во Приштина. Радоичиќ се соочува со обвиненија за тероризам во Косово, заедно со уште 44 лица.