Процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија да се темели на постигнувања, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, порача денеска од Брисел премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски, кој денеска присуствуваше на работниот ручек кој што го организираше старо-новата претседателка на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, на кој што беа присутни и останатите пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, рече дека „нормално е дека на тие состаноци се разговара и за европската перспектива на регионот.
„Мора процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор, нагласи Мицкоски.
Според Мицкоски речиси две и пол децении откако Северна Македонија го започна процесот и го потпиша Договорот за асоцијација и стабилизација е жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес.
„Ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете, но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин, нагласи Мицкоски.
Претходно, во објава на платформата Икс по средбата, Фон дер Лајен наведе дека сите шест земји партнери од Западниот Балкан ѝ припаѓаат на Европа.
„Тоа е она на кое што работиме. Паралелно, ги доближуваме нивните економии и пазари до нашите со нашиот План за раст од 6 милијарди евра за регионот, наведе Фон дер Лајен во објавата.
Видете и ова: ЕК: Усогласувањето со надворешната политика на ЕУ е вклучено во реформските агенди за Западен БалканЕвропската комисија лани го промовираше Планот за раст на Западниот Балкан во чии рамки е формиран и Инструмент за раст и реформи, вреден шест милијарди евра наменети за реформи и проекти поврзани со социо-економската сфера и основните права. Целта на планот е жителите и економиите на земјите од Западниот Балкан да ги почувствуваа придобивките од членството во ЕУ уште пред зачленувањето во Унијата.
На работниот ручек со Фон дер Лајен, покрај Мицкоски присуствуваа и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти и на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Вучиќ: Србија ги исполни критериумите
Српскиот претседател Александар Вучиќ по работниот ручек на лидерите на земјите од Западен Балкан со претседателката на Европската комисија (ЕК) Фон дер Лајен изјави дека Србија наскоро треба да ја добие првата транша од 112 милиони евра како дел од Планот за раст.
Вучиќ додаде дека, кога станува збор за условите, „сите критериуми од реформската агенда, државната помош, јавните набавки, сите ги исполнивме и сите ги потпишавме“.
„Мислам дека само една земја не дојде со исполнети основни критериуми. Човек нема да може да го загрози напредокот на другите, тоа е добар принцип“, рече Вучиќ.
Вучиќ рече и дека „еден ентитет не сака целосно да ги прифати правилата на ЦЕФТА, Договорот за слободна трговија на Балканот“.
Србија, инаку, не ја признава независноста на својата поранешна покраина Косово која прогласи независност во 2008 година.
Исплатата доцни поради Босна и Херцеговина
Документот за Планот за раст што Босна и Херцеговина го достави до Брисел не ги исполнува критериумите за да биде прифатлив за Европската комисија (ЕК), дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од добро информирани извори во Брисел.
Според овие извори, Босна и Херцеговина испратила нецелосен документ кој не ги одразува сите препораки на ЕК.
Така, Босна и Херцеговина го пропушти рокот за навремено испраќање на реформската агенда, што е неопходно за добивање финансиски средства од Планот за раст на регионот.
Во вторник, на 17 септември, земјата испрати документ до Европската комисија, кој не претставува реформска агенда.
Овој документ, според претседавачот на Советот на министри, Борјана Кристо, ја докажува усогласеноста на реформите потребни за добивање помош од Европскиот план за раст.
Косово посветено на на Планот на раст
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Косово е една од првите земји што ја поднела реформската агенда, со што, според него, ја покажала својата посветеност на Планот за раст.
Тој нагласи дека проширувањето на Европската унија, особено по руската воена агресија врз Украина, е најдобриот одговор за сите оние кои го загрозуваат мирот и единството на Европа.
Во тој контекст, Курти повика да се разгледа апликацијата на Косово за членство во Европската унија и на Косово да му се предаде прашалникот и статусот на земја кандидат за членство.
Спајиќ: Црна Гора постигнала значајни резултати
Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ изјави дека иако нема конкуренција меѓу земјите од регионот, на Црна Гора и е кажано дека досега постигнала значајни резултати.
Според Спајиќ, црногорската реформска агенда е многу амбициозна. Тој најави дека Владата на Црна Гора веќе следната недела ќе ја усвои таа агенда.
Тој најави и наскоро посета на претседателот на Европската комисија на земјите од регионот.
Видете и ова: Усвоен Планот за раст за Западен Балкан: Две исплати годишно, ако се исполнети условитеБез реформи - нема пари
При презентацијата на овој план, на земјите од регионот јасно им беше кажано дека доколку не спроведат реформи по една или две години, таа сума ќе биде распределена на други земји.
Преку Планот за раст за Западен Балкан, ЕУ планира да додели околу 6 милијарди евра за земјите од овој регион во периодот од 2024 до 2027 година. Од оваа сума, две милијарди ќе бидат неповратни грантови од ЕУ, додека остатокот ќе биде во форма на поволни заеми.
Целта е да се помогне економскиот раст и со тоа да се забрза процесот на европска интеграција на овој регион. Со Планот за раст за Западен Балкан, ЕУ има намера двојно да ја зголеми економијата на земјите од регионот во следните десет години.
Корисници на овие средства се сите земји од регионот: Косово, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, БиХ и Србија.
Планот исто така има за цел да ја промовира регионалната соработка и развој на заеднички пазар во регионот, кој постепено би се интегрирал во заедничкиот пазар на ЕУ.
Планот не е алтернатива за проширување
Овој план, според претставниците на ЕУ, во никој случај не е наменет за да биде алтернатива за проширувањето на ЕУ, туку да го олесни членството на овие земји во ЕУ.
ЕУ потсетува дека за да се искористат финансиските средства од Планот за раст, земјите од регионот мора да исполнат неколку услови, од кои главните се однесуваат на владеење на правото и обезбедување на процедури за финансиска контрола според европските стандарди.
Како специфичен услов за Косово и Србија се споменува и напредок кон нормализација на односите - што подразбира нивно конструктивно вклучување во спроведувањето на сите договори постигнати во дијалогот со посредство на ЕУ.
Доколку нема напредок во нормализацијата на односите, според дипломатите во ЕУ, земјите кои ќе бидат идентификувани како неконструктивни може да имаат последици преку блокирање на исплатите од Планот за раст.