Турција во четврток (19 септември) го обвини Израел дека сака да ја прошири војната од Појасот Газа до Либан, откако серијата експлозии ги погодија упориштата на милитантната Хезболах, која САД ја прогласија за терористичка организација.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека „ескалацијата во регионот е алармантна“, пренесува агенцијата Франс прес.
„Гледаме дека Израел чекор по чекор ги засилува своите напади врз Либан“, рече Фидан на државната ТВ ТРТ.
Оваа недела, десетици луѓе беа убиени, а илјадници беа ранети во напад на комуникациски уреди што ги користеа оперативците на Хезболах.
Турција го обвини Израел за експлозиите.
Видете и ова: Експлозиите во Либан - нова фаза во непријателстватаВо средата, израелскиот министер за одбрана Јоав Галан рече дека војната што Израел ја води во Газа од октомври 2023 година, откако вооружени лица предводени од Хамас, прогласени за терористичка организација од САД и ЕУ, ги нападнаа заедниците во јужен Израел, влегува во нова фаза, фокусирајќи се на северната граница.
„Дојдовме до точка кога овие операции извршени од Израел стануваат сè попровокативни, а за возврат Иран, Хезболах и елементите блиски до нив немаат друг избор освен да одговорат“, рече Фидан.
Израел директно не ги коментираше нападите, за кои повеќе безбедносни извори рекоа дека ги извршила неговата разузнавачка агенција Мосад.