Израелската војска погодила 7 локации на Хезболах во јужен Либан

Чад се издига над Либан по израелскиот напад, во услови на тековни прекугранични непријателства меѓу Хезболах и израелските сили

Израелската војска во четврток (19 септември) соопшти дека во текот на ноќта нападнала шест „терористички инфраструктурни локации“ на Хезболах и објект за складирање оружје во јужен Либан. Ова се случува во период на зголемени стравувања од проширување на војната.

Воздухопловните сили „погодија локации на терористичката инфраструктура на Хезболах во областите Чихине, Тајбе, Блида, Меис Ел Џабал, Аитарун и Кфаркела во јужен Либан, како и складиште за оружје на Хезболах во областа Киам во јужен Либан“, се вели во соопштението на израелската армија, а пренесе АП.

Во меѓувреме, израелската армија ја премести 98-та дивизија на север од Израел по владина одлука. Оваа група до неодамна се бореше во Појасот Газа.

Одлуката за преместување на дивизијата, само еден ден по експлозиите на комуникациските уреди во Либан и Сирија, кои му се припишуваат на Израел и по заканите за одмазда од Хезболах, вклучува распоредување на големи сили на северната граница.

Видете и ова: Експлозиите во Либан - нова фаза во непријателствата

Шефот на северната команда на ИДФ, генерал-мајор Ури Гордин, рече дека ИДФ е „решена да ја промени безбедносната ситуација што е можно поскоро.

„Командантите и силите се целосно посветени и се на врвот на подготвеноста за секоја задача што ќе треба да ја извршат“, рече Гордин.

Се верува дека 98-та дивизија има илјадници војници, вклучително и падобрански пешадиски единици и артилерија и елитни команданти специјално обучени за операции зад непријателските линии.

Видете и ова: Најмалку 20 загинати во вториот бран експлозии на комуникациски уреди во Либан

Дивизијата одигра клучна улога во Газа, предводејќи ги армиските операции во јужниот град Кан Јунис, упориште на Хамас, која од САД и ЕУ е прогласена за терористичка организација.

Офанзивата им нанесе големи загуби на борците и тунелите на Хамас, но исто така предизвика и огромни штети и резултираше со бројни цивилни жртви. Израел вели дека Хамас ги загрозува цивилите криејќи се во станбени области.