Во експлозии на воки-токи уреди денеска (18 септември) во Либан, девет лица загинаа, а повеќе од 300 се ранети, објави либанското Министерство за здравство на 18 септември, пренесе агенцијата АФП.
Повикувајќи се на безбедносни извори и изјави на очевидци, агенцијата Ројтерс пренесе дека експлозиите на рачните радио уреди што ги користи милитантната вооружена група Хезболах, се случиле во јужните предградија на Бејрут, Либан.
Ова се случува еден ден по експлозиите на пејџери во Либан, при што загинаа најмалку 12 лица, а околу 2.800 беа повредени. Се верува дека многу од нив се борци на Хезболах, милитантна вооружена група поддржана од Иран.
Најмалку една експлозија се случи во близина на погребот кој го организираше Хезболах за убиените членови на организацијата претходниот ден, кога илјадници пејџери експлодираа ширум земјата.
Агенцијата АФП, повикувајќи се на официјални изјави, објави дека три лица загинаа, а повеќе од 100 се ранети во вториот бран експлозии на уреди, денеска во Либан.
Според АФП, извор близок до Хезболах рекол дека радио уредите што ги користеле членовите на милитантната група експлодирале во упориштето на Хезболах во Бејрут, додека државните медиуми објавија слични експлозии во јужен и источен Либан.
Хезболах, кој има поддршка од Иран, денеска објави дека извршил ракетен напад врз позициите на израелската артилерија. Ројтерс јавува, повикувајќи се на високи безбедносни извори во Либан, дека експлозивите во пејџерите на припадниците на Хезболах ги поставила израелската разузнавачка агенција Мосад, месеци пред тие да бидат активирани.
Бројот на загинати во експлозиите се искачи на 12, меѓу кои и две деца, изјави во денеска либанскиот министер за здравство Фирас Абијад. Во нападот на 17 септември беа ранети речиси 3.000 луѓе, вклучително и борците на Хезболах и ирански пратеник во Бејрут.
Видете и ова: Експлозиите во Либан - нова фаза во непријателстватаХезболах вети дека ќе му возврати на Израел, чија војска одби да ги коментира експлозиите. Во соопштението се наведува дека Хезболах ќе продолжи во Газа да го поддржува Хамас – од САД и ЕУ прогласена за терористичка организација и дека Израел „треба да очекува одговор на масакрот“.
Двете страни се вклучени во прекугранична војна од избувнувањето на конфликтот во Газа минатиот октомври, поттикнувајќи ги стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток што може да ги вовлече Соединетите Американски Држави (САД) и Иран во конфликтот.
Тајвански производител на пејџери негираше дека ги направил пејџерите кои експлодираа во нападот што ја зголеми можноста за војна меѓу Хезболах и Израел.
За илјадниците пејџери кои ги носеа членовите на милитантната група Хезболах во Либан и Сирија и кои беа детонирани во серија во тек на еден час на 17 септември, се сомнева дека биле наполнети со експлозив и биле произведени од унгарската компанија BAC Consulting.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, ги негираше извештаите дека САД однапред знаеле за смртоносниот напад во Либан, во кој експлодираа стотици пејџери на Хезболах.
„САД не знаеја за тоа, ниту беа вклучени во тие инциденти. Сè уште собираме информации и факти“, рече Блинкен на прес-конференција во Каиро, пренесе Ројтерс.
Блинкен нагласи дека е важно сите страни да избегнуваат потези кои би довеле до натамошна ескалација на конфликтот и дека „сè уште не е јасно“ какви ќе бидат последиците од нападот врз Хезболах, кој ја ужива поддршката на Иран.
Обединетите Нации побараа независна истрага
Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОН), Фолкер Тирк, повика на независна истрага за масовните експлозии на пејџери во Либан и Сирија. Во изјавата од 18 септември, Тирк апелираше светските лидери да ја зајакнат „одбраната на правото на сите луѓе да живеат во мир и безбедност“.
Тој оцени дека таргетирањето на илјадници луѓе, „без разлика дали се цивили или членови на вооружени групи, без да се знае кој ги држи уредите или каде се тие“, е кршење на меѓународното право.
„Заштитата на цивилите мора да биде од највисок приоритет“, рече Тирк. Соопштението е објавено пред новиот бран експлозии на воки-токи уреди ширум Либан.