Најмалку девет лица загинаа, а 2750 се ранети кога истовремено експлодирале пејџери во Либан, соопшти министерот за здравство, Фирас Абијад, на 17 септември.
Претходно, милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, објави дека двајца нејзини членови и една девојка се меѓу загинатите во „мистериозните“ експлозии.
Министерот за здравство изјави дека 200 од повредите се во критична состојба.
Хезболах соопшти дека голем број пејџери што ги користеле неговите членови биле активирани да експлодираат „истовремено“.
Иранските медиуми објавија дека меѓу повредените е и иранскиот амбасадор во Бејрут, Мојтаба Амани.
Видете и ова: Ганц: Воениот фокус на Израел треба да се префрли кон ЛибанНовинската агенција Фарс, повикувајќи се на анонимен извор, пишува дека Амани претрпел „површна повреда“ како резултат на експлозија на пејџер.
Пејџерите кои експлодираа се најновите модели на уредите што Хезболах ги увезе во земјата во последниот месец, објави Ројтерс, повикувајќи се на три извори.
Извештаите од Либан покажуваат дека „стотици“ членови на либанската група Хезболах, вклучително и борци и хуманитарни работници, се повредени во овие експлозии низ јужен Либан и неговите предградија.
Еден член на групата, кој сакал да остане анонимен, за Ројтерс изјави дека експлозиите се „најголемата безбедносна инфилтрација“ со која се соочил Хезболах во својот конфликт со Израел во текот на изминатата година.
Други новински агенции, исто така, објавија дека голем број членови на групата биле повредени при експлозиите на уредите.
Видете и ова: Израел и Хезболах се приближуваат до конфликт кој не го сакаатМинистерството за здравство на Либан во соопштението наведе дека стотици повредени лица пристигнале во болниците како резултат на експлозиите и ги повика граѓаните кои имаа вакви уреди, да ги фрлат.
Експлозиите доаѓаат во период кога Израел објави дека ги проширува своите воени цели и фокусот на својата речиси едногодишна борба во Газа против екстремистичката група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.
Додека фокусот на војната изминатиот период беше во Газа, во размената на оган меѓу израелските сили и Хезболах, кој е сојузник на Хамас во Либан, беа убиени стотици луѓе, главно милитанти во Либан и десетици цивили и војници во Израел. Тоа предизвика и десетици илјади луѓе од двете страни на границите да ги напуштат своите домови.