Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска (17 септември) во Стразбур на средба зад затворени врати со членовите на Конференција на претседатели на Европскиот парламент, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, треба да го презентира предлог-составот на новиот Колеџ на комесари и распределбата на ресорите со кои тие ќе раководат.
Според првичниот план, ова средба требаше да се одржи минатата недела, на 11 септември, но таа на барање на Фон дер Лајен беше презакажана за денеска, со цел да и се даде време на Словенија да ја заврши процедурата околу номинацијата на новопредложената словенечка кандидатка за еврокомесарка Марта Кос.
Словенија првично за еврокомесар го предложи поранешниот претседател на словенечкиот Суд на ревизори, Томаж Весел, но тој на почетокот на месецов ја повлече својата кандидатура. Повлекувањето на Весел уследи по информациите дека Фон дер Лајен побарала од некои земји членки, меѓу кои и Словенија, да ги заменат своите предложени кандидати мажи со жени, со цел да се постигне колку што е можно поголема родова еднаквост во новото извршно тело на ЕУ. Претходно и Романија го замени својот кандидат за еврокомесар со кандидатка.
По повлекувањето на Весел, словенечкиот премиер Роберт Голоб за еврокомесарка ја предложи поранешната амбасадорка на Словенија во Германија и Швајцарија, Кос. Согласно внатрешните процедури номинацијата на Кос треба да ја одобри Комитетот за европски прашања на словенечкиот Парламент, а без ова одобрување Љубљана не може формално да го достави официјалниот предлог за еврокомесар до Брисел.
Видете и ова: „Треска“ за функции во БриселВо вакви услови заменичката главна портпаролка на Еврокомисијата, Аријана Подеста вчера потврди дека Фон дер Лајен останува на планот денеска да ја презентира новата Еврокомисија пред ЕП без формалната номинација на Кос. Сепак, Подеста остави простор за можна промена на овој план, посочувајќи дека „24 часа се многу време во политиката“ и можни се промени.
Во пресрет на денешната презентација на новата Европска комисија дојде до промена во нејзиниот предлог-состав по вчерашната оставка на европскиот комесар за внатрешен пазар и француски кандидат за еврокомесар, Тиери Бретон, кој ја обвини Фон дер Лајен дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ, како и дека последните случување се „дополнително сведоштво за сомнителното раководење“ од нејзина страна. Тој во оставката тврди и дека Фон дер Лајен и понудила на Франција „повлијателен ресор“ во новата Еврокомисија, доколку Париз предложи друг кандидат место него. ЕК одби да ги коментира ваквите тврдења, повикувајќи се на принципот на доверливост во интерната комуникација
Инаку по поединечното одобрување на секој од предложените комесарите од страна на ресорните комитети на Европскиот парламент, европратениците треба да гласаат на пленарно заседание за избор на Еврокомисијата.