Соединетите Американски Држави(САД) воведоа санкции за повеќе од 60 Грузијци, вклучително и за двајца членови на владата, за кои сметаат дека ја „поткопале“ демократијата и човековите права во земјата, поради загриженоста на западот за вртењето на Тбилиси кон Москва.
„САД воведоа санкции за двајца грузиски владини функционери, за нивната вмешаност во сериозно кршење на човековите права за време на насилниот одговор на мирните протести против законот за странско влијание“, изјави државниот секретар на САД, Антони Блинкен, на 16 септември.
Станува збор за началникот на Одделот за специјални задачи на Министерството за внатрешни работи, Звијад „Кареба“ Харазишвили и еден од неговите заменици, Милери Лагазаури.
„Ние, исто така, санкционираме двајца грузиски водачи на насилна екстремистичка група, Константин Моргошија и Зураб Махарадзе, за сериозно кршење на човековите права, вклучително и за насилни напади врз Грузијците кои ја користат својата слобода на мирно собирање“, рече Блинкен.
Владејачката партија Грузиски сон се најде на удар на западните сојузници на Грузија по нејзиниот потег да воведе закон за „странски агенти“ за кој многумина стравуваат дека ќе ги задуши медиумите и независните гласови.
Грузискиот парламент во мај го усвои законот, отфрлајќи го ветото на грузиската претседателка Саломе Зурабишвили.
САД соопштија дека ги преиспитуваат своите билатерални односи со Грузија - која долго добиваше поддршка од Вашингтон - а ЕУ, исто така, смета дека потезите како што е законот за странски агенти негативно ќе влијаат на надежите на земјата за приклучување кон блокот.