Додека во Србија локалните жители и еколошките здруженија протестираат поради отворањето на рудник за литиум, извршниот директор на Рио Тинто, Јакоб Стаушолм, во авторски текст за „Политика“ пишува дека компанијата ги почитува и ги разбира сите стравови на српските граѓани во врска со проектот Јадар и оти има одговори за сите прашања што ги засегаат луѓето.
Според последните најави на властите, рудникот за литиум во Рио Тинто би можел да започне со работа во 2028 година доколку компанијата ги исполни еколошките прописи и ги добие потребните дозволи.
Некои жители на Јадар на запад од Србија и еколошки здруженија се противат на отворање рудникот, плашејќи се од последиците за животната средина. Масовните протести против рудниците за литиум, на иницијатива на еколошки организации, започнаа есента 2021 година, кога беа организирани и блокади на меѓународниот автопат.
Видете и ова: Фридом хаус ја осуди репресијата на српската влада врз активистите поради протестите за заштита на животната срединаСтаушолм оцени дека има многу неточни и погрешно интерпретирани информации за проектот и компанијата Рио Тинто, како и дека „се работи за внимателно осмислена и добро организирана кампања за ширење дезинформации“, пренесува Бета.
„Ова е прв пат во својата долга историја оваа компанија да се соочи со ваква ситуација. Темата за развој на проекти ги збунува, вознемирува и ги дели луѓето. Нашите вработени се изложени на закани и заплашувања на Интернет“, вели тој во текстот објавен на 15 септември.
Како што пишува, шесте ветувања што ги дал се одраз на неговата желба да ги увери сите кои се загрижени дека проектот ќе се развива безбедно и во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина, општествената одговорност и корпоративното управување.
Стаушолм рече дека сите студии за оцена на влијанието врз животната средина вклучуваат постапка за јавна ревизија, каде граѓаните ќе можат да добијат информации и да придонесат за подобрување на студиите преку коментари, прашања и предлози.
Видете и ова: „Одеднаш се разгореа“: Протести низ Србија против ископ на литиумТој изјави и дека компанијата предлага да има што е можно повеќе јавни дебати кои ќе ги пренесуваат медиумите, како онаа што минатата сабота се одржа во Љубовија.
Неколку дена претходно, на 10 септември, дел од опозицијата во Србија до парламентот достави предлог за измена на законот со кој се бара забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор. Пратениците од опозицијата побараа вонредна седница на парламентот на која ќе се расправа за нивниот предлог.
Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ најави дека предлогот на опозицијата за забрана за ископ на литиум ќе биде на дневен ред на парламентот до крајот на септември.
Владата на Србија во последните месеци не се противеше на проектот за изградба на рудникот, иако пред две години, под притисок на еколошките протести, проектот беше стопиран.
На 19 јули Србија потпиша Меморандум за критични суровини со германскиот канцелар Олаф Шолц и Европската унија. Меморандумот предвидува цел производствен синџир – од ископ на литиум во рудникот на Рио Тинто во долината на реката Јадар до производство на батерии за електрични возила.
Од компанијата Рио Тинто за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавија дека евентуалната забрана „би претставува преседан бидејќи ќе бара фундаментални промени во законодавната рамка која ги регулира рударските активности и експлоатацијата на минералните суровини“.
РСЕ постави и прашање дали компанијата при аплицирање за геолошки истражувања известува и за која руда се врши истражувањето.
„Секој проект за геолошки истражувања што е дел од апликацијата поднесена до Министерството за рударство и енергетика за добивање одобрение јасно го содржи името на примарната минерална суровина која би се истражувала (на пример, бакар, злато, сребро, бор, литиум итн.)“ се наведува во одговорот на Рио Тинто.
Видете и ова: Стејт департмент: Сите тврдења за мешање на САД во протестите во Србија се лажниОд Рио Тинто претходно во својот одговор до РСЕ изјавија дека „домашни и меѓународни експерти потврдиле дека проектот Јадар може да се реализира безбедно и во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина“.
Оваа компанија во 2004 година на запад од Србија ја откри рудата „јадарит“ – комбинација од литиум и бор, а резервите на овој метал се проценуваат на над 158 милиони тони.
Рио Тинто објави дека областа на долината Јадар ја има една од најголемите европски резерви на руда за производство на литиум и дека нивниот проект предвидува производство на 58.000 тони литиум годишно, доволно за 1,1 милион електрични возила.