Зелено светло од Британија за Украина, за користење на ракети со долг дострел

илустрација

Британските медуми јавуваат дека Велика Британија, зад затворени врати, и дала зелено светло на Украина да ги користи своите ракети „Storm shadow“ за напади со долг дострел длабоко на руска територија, бидејќи московските трупи повторно целеле кон енергетски објекти и цивилна инфраструктура во североисточниот дел на Украина во текот на ноќта, при што биле повредени најмалку 14 лица.

Според весникот „Гардијан“, владини извори рекле дека веќе е донесена одлука да се дозволи Киев да ги користи крстосувачките ракети од британско производство во Русија, иако потегот не е најавен и веројатно нема да биде објавен дури и кога британскиот премиер Кир Стармер ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон на 13 септември.

Британските власти не го потврдија извештајот на Гардијан.

Видете и ова: Украина бара оружје со долг дострел против руските напади

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци ги моли сојузниците на Киев да и дозволат на Украина да пука со западно оружје, вклучително и американските ATACMS со долг дострел и британските „Storm shadow“, длабоко во руската територија за да ја ограничи способноста на Москва да изврши напади.

Бајден претходно оваа недела рече дека неговата администрација „разработува“ начин за укинување на ограничувањата, иако тој не даде конкретни детали.

Во меѓувреме, државниот секретар Ентони Блинкен за време на патувањето во Киев на 11 септември навести дека Белата куќа е на работ да ги укине ограничувањата за употреба на своето оружје со долг дострел.

„Ние работиме итно за да продолжиме да гарантираме дека Украина го има она што и е потребно за ефективно да се брани“, рече тој на прес-конференција по средбата со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.

Регионалната воена администрација на Суми соопшти дека Русија користела самоубиствени беспилотни летала од типот Шахед во нападот во текот на ноќта, при што градоначалникот на градот Конотоп, Артем Семенихин, на Телеграм изјави дека нападите ја прекинале струјата во делови од градот и дека се работи на враќање на струјата и водата. Тој рече дека енергетската инфраструктура претрпела значителна штета.