Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја потврди неговата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, нагласувајќи дека враќањето на Крим на Украина е меѓународно право односно враќањето на овој полуостров на Украина одговара на меѓународните правни стандарди. Полуостровот Крим е окупиран од руските сили и анектиран во 2014 година.
„Верувам дека ќе бидат преземени дополнителни чекори за зајакнување на правата на кримските Татари во наредниот период“, изјави Ердоган во видео пораката на четвртиот самит на лидерите на Кримската платформа.
Ердоган им се заблагодари на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на лидерот на кримските Татари Мустафа Абдулчемил Киримоглу за нивната улога во организирањето на Самитот, кој ја одбележува 80-годишнината од протерувањето на Кримските Татари.
Тој рече дека Турција никогаш не ја признала анексијата на Крим, што ги отежнувало животите на луѓето во тој регион.
„Нашата искрена желба е војната да заврши со праведен и траен мир заснован на територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“, додаде Ердоган.
Руските сили влегоа на Крим во февруари 2014 година, а рускиот претседател Владимир Путин го подели полуостровот на два посебни федерални субјекти на Руската Федерација еден месец подоцна. Оттогаш Кримските Татари ја продолжија својата борба за територијален интегритет на Украина против руската окупација.
Кримските Татари се соочуваат со прогон откако Русија го презеде полуостровот во 2014 година, ситуација што Турција силно ја осудува. Турција и САД, како и Генералното собрание на Обединетите нации, сметаат дека анексијата е нелегална.
Турција и Србија се единствените земји кандидати за членство во Европската унија кои не воведоа санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина.