Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во петок (13 септември) ќе ја отпатува за Софија што ќе биде нејзина прва официјална посета по стапувањето на функцијата на 12 мај.
Информацијата за посетата денеска (10 август) ја потврди министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков, ќе бидат дел од делегацијата што ќе ја предводи претседателката.
Дел од македонските и бугарските медиуми објавија дека тогаш ќе се одржи и првата средба помеѓу Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев, но засега официјална потврда нема.
„Сè уште сме во договарање на деталите околу форматот на средбите, но секако кога ќе имаме и ние конечна информација и вие како медиуми ќе бидеме информации за тоа“, изјави Муцунски.
Видете и ова: Историската комисија со Бугарија со нови луѓе ќе се справува со стари политички проблемиЗасега, и од кабинетот на Сиљановска-Давкова нема потврда дали ќе има средба со Радев.
Бугарските медиуми претходно информираа дека претседателката ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, во изведба на Националната опера и балет.
Муцунски вели дека ваквата посета доаѓа во период кога помеѓу Софија и Скопје има непотребна тензија.
„Ова е посета наменета кон афирмација на меѓусебните релации, користењето на културната дипломатија како алатка за подобро разбирање меѓу двете држави во период кога постои една непотребна тензија во билатералните односи. Треба да најдеме начин за нормализација бидејќи тоа е во интерес и на трговијата и економијата и на политичката соработка. Така што, го сметам тоа како еден афирмативен гест од страна на претседателката и од страна на Владата“, рече Муцунски.
Сиљановска-Давкова и Радев по повод одбележувањето на „Св.Кирил и Методиј“ во мај беа во Рим, но таму не одржаа средба.
Односите меѓу двете земји се заладени во последниот период. На крајот на август, Бугарија ја повика македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска, на разговор поради изјава на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој меѓу другото, рече дека во Бугарија се „толку нефункционални што не можат ни избори да закажат“ и оти нема намера да одговара на изјави на „политички маргиналци“.
Неговата изјава дојде откако претходно од македонска страна неколку пати беше посочено дека со оглед на тоа што Бугарија ја води техничка влада без политички легитимитет, нема со кого да се комуницира од таа страна, на што бугарското Министерство за надворешни работи одговори дека Софија останува отворена за дијалог без разлика каква влада ја води, но и дека нема простор за репреговарање на обврските што ги презело Скопје.
Видете и ова: Бугарија му одговори на Мицкоски, преговарање за преземени обврски немаБугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање. По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Актуелната Владата на Северна Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пак, е на став дека може да се изгласаат уставните измени, но тие да бидат со одложено дејство односно да стапат на сила во моментот кога земјава ќе влезе во ЕУ.