Вкупно пет милијарди денари е долгот на јавно здравствените установи, а само за првите шест месеци од 2024 година долгот бил зголемен за милијарда денари, рече Сашо Клековски, в.д.директор на Фондот за здравствено осигурување(ФЗО), на брифинг за медиумите на 4 септември.
Според податоците на Фондот, најголеми должници се универзитетските клиники за радиологија и онкологија, торакална и васкуларна хирургија и за гинекологија.
Поголеми должници се и неколку болници надвор од Скопје, како болниците во Прилеп и во Охрид.
„Дел од долгот не е настанат затоа што несоодветно се финансирани потребите на соодветните клиники. Онкологија е еден од примерите каде не биле буџетирани доволно средства ни за програмата што им е одобрена за работа, а дел од долгот е заради, по мое разбирање, дозволен хаос во финансиското работење на јавните здравствени установи со отсуство на контрола на платите и со отсуство на контрола на материјалното работење и залихите“ рече Клековски.
Видете и ова: Болниците во минус 97 милиони евраСпоред податоците на ФЗО, Клиниката за онкологија должи 650 милиони денари, долгот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија е 250 милиони денари, а Клиниката за гинекологија должи 203 милиони денари.
Во ФЗО сметаат дека ваквата состојба нема да доведе до блокада на сметките на јавно-здравствените установи бидејќи системот за контрола на Фондот за здравство функционира.
„За десетина дена ќе го објавиме планот за санација на должничката криза во јавните здравствени установи и можам да ги уверам граѓаните дека во критичните подрачја за квалитет на здравствени услуги и достапност на лекови нема да има проблеми“, рече Клековски.